ВОЗ УДРИ ВО КОЛА ПРЕД „ПОРЦЕЛАНКА“ КАЈ ВЕЛЕС, ТЕШКО ПОВРЕДЕН ПОЖАРНИКАР КОЈ ОДЕЛ НА РАБОТА

    ВОЗ УДРИ ВО КОЛА ПРЕД „ПОРЦЕЛАНКА“ КАЈ ВЕЛЕС, ТЕШКО ПОВРЕДЕН ПОЖАРНИКАР КОЈ ОДЕЛ НА РАБОТАПожарникарите морале од искршениот автомобил да го вадат 19-годишниот повреден, кој бил нивен колега и од родното село Согле секојдневно возел до работното место во Велес. (Фото: СДК.МК)

    Утрово, товарниот воз кој возел од Велес кон Прилеп удрил во патнички автомобил. Сообраќајката се случила утрово во 6.40 часот пред влезот во некогашна „Порцеланка“ кај Велес, на обезбедениот железнички премин со сообраќајни знаци. Возачот поради тешките повреди е префрлен во Клинички центар во Скопје.

    Пожарникарите морале од искршениот автомобил да го вадат повредениот, кој бил нивен колега и од родното село Согле секојдневно возел до работното место во Велес.

    „На патниот премин кој се наоѓа кај влезот на фабриката за порцелан во Велес, товарниот воз кој сообраќа на линијата Велес-Прилеп удрил во патничко возило ‘фолксваген голф’ со прилепски регистарски ознаки, управувано од А. Џ. (19) од село Согле, Општина Чашка“, соопшти Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

    Полицијата извршила увид на местото на настанот. На поворедениот први на помош му притекнале од итната медицинска служба, откако пожарникарите го ослободиле од оштетениот автомобил.

    „Лицето имало повеќе повреди, имобилизиран е, поставен на даска за спасување и префрлен на Ургентен центар при Велешката болница“, изјави д-р Страхил Тодоров, портпарол на Брзата помош при Здравствен дом Велес.

    „Деветнаесетгодишен пациент е донесен во болницата, не бил свесен во тие моменти, направена е реанимација, извршена компјутерска томографија и поради тешките повреди на главата, препратен на Клиника за неврохирургија во Скопје“, соопшти д-р Весна Николовска Неделкова, портпарол на Општата болница во Велес.

    Поради железничката несреќа, патничкиот железнички сообраќај од Велес кон Битола и обратно е во прекин.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира