Со герила акција, граѓански активисти од Струга доцна вечерва ја осветлија општинската зграда со натписи за чист воздух и вода. На зградата беа проектирани паролите „Нема воздух, нема вода, нема живот“, „Воздух или смрт“, „Сите се труеме“, „Струга се суши“, „Чист воздух е право, а не привилегија“.
Активистите велат дека е опасно да се живее во град кој со години се труе од дивата депонија која се наоѓа на само 500 метри од првите куќи, во близина на реката Црн Дрим и на 2 километри од Охридското Езеро. Откако македонските судови ја отфрлија тужбата поднесена од Здружението на млади правници сега Судот за човекови права во Стразбур ќе суди за овој најголем еколошки и здравствен проблем во Струга.
Денеска Струга остана и без вода од 13 часот, а дел од околните населби и села немаа вода од 17 часот. Стружани скоро секоја година во текот на летото се соочуваат со проблем во водоснабдувањето, но ова е првпат да нема вода во септември.
С. ВРЕНЦОВСКА