ВОЗДУХОТ ВО ВЕЛЕС ЛАНИ БИЛ ЗАГАДЕН СЕКОЈ ЧЕТВРТИ ДЕН, СО ВРЕДНОСТИ НАД ДОЗВОЛЕНИТЕ

    ВОЗДУХОТ ВО ВЕЛЕС ЛАНИ БИЛ ЗАГАДЕН СЕКОЈ ЧЕТВРТИ ДЕН, СО ВРЕДНОСТИ НАД ДОЗВОЛЕНИТЕНајмногу загадени денови имало во јануари - 20, па во ноември и декември (Фото: СДК.МК)

    Секој четврти ден лани, воздухот во Велес бил загаден. Во текот на 2022, во 96 дена во Велес биле измерени вредности на ПМ10 честички повеќе од дозволените 50 мг/м3. Тоа е 27 дена помалку во однос на 2021, но и 61 ден повеќе од дозволениот број надминувања во текот на една календарска година, кој изнесува 35 дена. Прагот на алармирање лани не е надминат.

    „Прагот на информирање кога два дена последователно се регистрирани вредности од 100 мг/м3 имало на 21, 22, 23 и 24 декември. Прагот на алармирање за квалитет на воздухот од 150 мг/м3 не е измерен два дена последователно во 2022“, соопштија од Општина Велес.

    Најмногу загадени денови имало во јануари – 20, во ноември биле 16, а во декември 17. Во три месеци во 2022 немало загадување ниеден ден – јуни, јули и септември.

    Екологистите не го делат мислењето дека состојбата со квалитетот на воздухот во Велес е така добра како што покажуваат апаратите на Министерството за животна средина. Тие се повикуваат на вредностите од апликацијата „Мој воздух“.

    „Параметрите што се следат не се така розеви. Тие се далеку под квалитетот на живеењето од европските градови. Дополнително, нештата во и околу градот можат да влијаат на квалитетот на воздухот, како греењето во домаќинствата и сообраќајот, имаме каменоломи и лесна индустрија, се создаваат нови жаришта и мораме посветено да работиме на намалување на загадувањето“, вели екологистот Стеве Дечев.

    Според податоците на „О2 иницијативата“, во јануари годинава воздухот во Велес 24 дена бил загаден повеќе од максимално дозволените вредности со ПМ2,5 честички. Тие се сметаат како мошне опасни по здравјето на човекот. Само седум дена во јануари вредностите биле под дозволените, и тоа на почетокот на месецот.

    Во однос на загаденост, Велес е во врвот, заедно со Гевгелија, Гостивар, Струмица, Прилеп, Берово, Тетово и Кичево.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира