ВРАБОТЕНИ ЈА ТУЖЕЛЕ ОПШТИНА КАВАДАРЦИ, ОПШТИНАТА БЕЗ ПОТРЕБА НАЈМИЛА СКАПИ АДВОКАТИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ, ОБВИНИ СОВЕТНИЧКА

    ВРАБОТЕНИ ЈА ТУЖЕЛЕ ОПШТИНА КАВАДАРЦИ, ОПШТИНАТА БЕЗ ПОТРЕБА НАЈМИЛА СКАПИ АДВОКАТИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ, ОБВИНИ СОВЕТНИЧКАДали можеби намерно се оптоварил буџетот со вакви трошоци, праша на седница советничката во општинскиот Совет Мирјана Гркова (Фото: СДК.МК)

    Над педесет вработени во локалната самоуправа ја тужеле Општина Кавадарци, а поради недомаќинско работење на претходното раководство оштетен е буџетот, откри советничката во општинскиот Совет Мирјана Гркова. Според неа, недомаќински се постапувало при решавање на работните спорови. Се дозволило за работните спорови, кои важат за најскапи спорови, да се ангажираат скапи адвокатски и медијаторски услуги од лица од други градови, иако такви има и во Кавадарци.

    „Не само вработените туку и Општината ангажирала адвокат и медијатор за застапување од страна, иако во нејзините редови постои правен сектор кој можел да ја заврши работата без дополнителни трошоци“, вели Гркова.

    Таа додава дека не се познати причините поради кои не се преговарало со вработените со цел проблемот да се надминел без или со минимални трошоци. Јавно го поставува прашањето дали можеби намерно се оптоварил буџетот со вакви трошоци?

    „Сега имаме обврска на грбот на граѓаните да го плаќаме недомаќинското работење на претходното раководство, што е навреда на сите граѓани во Кавадарци“, рече Гркова на седница на Советот, говорејќи за годинешниов Општински буџет.

    Таа рече дека има една ставка која не може да биде занемарена, милион и 210 илјади денари за договорни услуги. Нагласи дека се пренесуваат долгови на име правни услуги на товар на буџетот за оваа година.

    На наше прашање, Гркова ни појасни дека тужбите биле поради неземање надоместок за степен на кариера, кој следува по оценката за работа. Тужбите биле прифатени, а дел обжалени до Апелација, поради висината на трошоците.

    Претходниот градоначалник Александар Панов тврди дека работеле домаќински.

    „Работевме домаќински. Доказ за тоа е фактот што успеавме да се договориме со вработените да им се исплати надоместок за кариера само за последната година, а не и за тие пред тоа. Само една од вработените побарува за неколку години. Вака чини поевтино, затоа што ако тие се заинатеа и одеа до крај по судски пат, ќе чинеше три пати поскапо“, вели Панов.

    С. ДАРУДОВА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира