ВРАБОТЕНИ ОД ФИРМАТА ВО ШТИП КАДЕ ШТО ИМАШЕ ТРУЕЊЕ СО ХРАНА ЈА БОЈКОТИРААТ ФАБРИЧКАТА КУЈНА И СИ НОСАТ ХРАНА ОД ДОМА

    ВРАБОТЕНИ ОД ФИРМАТА ВО ШТИП КАДЕ ШТО ИМАШЕ ТРУЕЊЕ СО ХРАНА ЈА БОЈКОТИРААТ ФАБРИЧКАТА КУЈНА И СИ НОСАТ ХРАНА ОД ДОМАЦентарот за јавно здравје во Штип и другите санитарни служби и инспекции ќе донесат и нови мерки и санкции откако ќе ги добијат резултатите од Институтот за јавно здравје кое испитува исправност на храна во случајот што ја консумирале затруените вработени од „Адиент“ . (Фото: СДК.МК)

    Вработените во штипската фабрика „Адиент“, каде што неодамна се случи труење со храна, најавија тивок бојкот на фабричкиот оброк. Како и во текот на изминатата недела, тие превентивно ќе продолжат да си носат храна од дома. Оваа одлука доаѓа откако Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече парични казни и ја затвори кујната од каде што потекнуваше заразата.

    По увидот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и Институтот за јавно здравје (ИЗЗ), донесена е одлука за изрекување парични казни за правните субјекти и одговорните лица. Истовремено, изречена е мерка за привремено затворање на кујната каде што се подготвувала храната, како и посебни заштитни мерки во мензата на фирмата „Адиент“, каде што оброците се служеле и консумирале.

    Поголем дел од вработените, чии шест колеги се затруа во текот на изминатата недела, веќе почнаа да си носат храна од дома. По одлуките на надлежните инспекциски органи, тие најавија дека ќе го продолжат бојкотот и во наредната недела, доколку воопшто им биде понуден фабрички оброк.

    Од Центарот за јавно здравје во Штип информираат дека нивните епидемиолошки служби, во соработка со санитарните инспектори и Институтот за јавно здравје (кој е лиценциран за испитување на исправноста на храната), и денеска интензивно работеле на случајот. Изминативе денови биле преземени сите мерки — од увид до утврдување на хигиенските недостатоци во просториите. Упатени се и конкретни препораки за елиминирање на лошите состојби кај операторот со храна, како и во фирмата каде што се консумирале оброците.

    Од Центарот додаваат дека по добивањето на резултатите од брисевите на затруените вработени (кои делумно се испитуваат во епидемиолошкиот завод во Штип и во ИЈЗ во Скопје), ќе се донесат нови мерки и препораки. Доколку се утврдат дополнителни пропусти, ќе бидат изречени нови санкции и ќе се бара одговорност.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира