Приватните лекари од Велес протестираа откако од вчера Фондот за здравство им дал нова обврска – работа со амбулантските дневници и задолжителна употреба на здравствена книшка при секој преглед. За приватните доктори ова не се новини, туку враќање наназад. Реагираат дека со ова ќе се зголемат административната работа и времето за препис на лекови за секој пациент.
Протестот бил во името на Здружението на приватни лекари, односно на сите 1.600 приватни лекари во примарното здравство во земјава.
„Вака го искажуваме нашиот револт поради тоа што Фондот за здравство ги враќа амбулантските дневници и задолжително носење здравствена книшка при посета на доктор. Реагираме и не прифаќаме зголемување на административната работа, бидејќи тоа е на штета на пациентите. Досега рецептите ги пишувавме на три места, сега на четири. Но, треба да се знае дека има пациенти на кои треба да им препишеме 30 рецепти, кои треба да се запишат на четири места, а во чекална чекаат други пациенти. Не можеме да имаме и електронско работење и хартиено“, кажа д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија.
Таа потсети дека хартиен амбулантски дневник беше укинат со воведувањето на „Мој термин“, кога се воведе електронско водење на целокупното работење, кое и денес функционира.
„Ние не сме писари, туку доктори и времето ни треба за пациентите, а не цел ден да пишуваме рецепти. Овој допис треба под итно да се повлече“, побара д-р Чолакова-Дервишова.
П. ПЕЧКОВ