Времено суспендиран од работа е раководителот на еден од инспекторатите при Општина Битола Кире Мицевски, чиј објект во реонот на село Дихово беше опфатен со контролите на градежната инспекција за дивоградби. Градоначалникот Тони Коњановски соопшти дека против едно административно лице, вработено во општинската администрација на работна позиција раководител на сектор, е поднесена кривична пријава од надлежни институции. Во согласност со важечките прописи и внатрешните процедури, Коњановски вели дека е донесена одлука за привремена суспензија на лицето од работното место, додека трае постапката.
Инспекторот Мицевски вели дека објектот е легализиран и нема доградувања.
Според Коњановски, оваа мерка е преземена со цел да се обезбеди непречено одвивање на институционалните процеси и да се зачува интегритетот на општинската администрација, односно неговото натамошно присуство во институцијата, додека трае постапката, штетно ќе се одрази врз институцијата, со што ќе го оневозможи утврдувањето на одговорноста.
Основното јавно обвинителство од Битола има поведено предистражна постапка за случајот и се преземаат истражни дејствија.
За случајот САКАМДАКАЖАМ.МК објави на 3 април годинава, дека еден од објектите за кои се испитува дали е дивоградба е на раководител на општински инспкеторат. Од Општината тогаш соопштија дека по допрен глас, избршиле увид и на објект и дека се испитува документацијата. Од таму дури испратија и фотографија од објектот заедно со други кои беа дел од контролата. На неа се гледаше дека на предметната парцела е подигната куќа и поставен е објект за базен.
„При разгледувањето на документацијата утвредно е дека истиот има добиено решение од Министерство за земјоделие за приземен објект во основа од 66 м2 и висина до венец 2,80 м и доставен геодетски елаборат со кој е извршена легализација на објектот со приземје, кат, поткровје и мансарда. За утврдување на фактичка состојба Општината изврши нарачка повторно мерење и изработка на геодетски елаборат според кој се утврди дека објектот има приземје, кат и поткровје и висина до венец од пристапен пат од 4,60 метри, додека од терен каде е поставен објектот се утврди висина до венец 5,40 метри“, ни одговорија тогаш од Општината.
Инспекторот Кире Мицевски вели дека за суспензијата дознал од фејсбук објавата на градоначалникот Тони Коњановски.
„Се работи за легализиран помошен објект на земјоделско земјиште, согласно Законот за легализација на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште, со исполнување на критериумите, нема никакви доградби или надградби над објектот. Со иста конотација за бесправно градење веќе еднаш имаше истрага од Обвинителството во 2014 година, по што не беше поднесен никаков кривичен акт“, вели Мицевски.
Тој вели дека има лиценска за комунален инспектор и оти нема овластување ниту може да постапува како градежен инспектор.
Од СВР Битола велат дека тие немаат поднесено никаква кривична пријава против инспекторот.
Според информациите од Катастарот, со состојба од 3 март 2025, парцелата е нива и може да има намена за помошни објекти во земјоделството, односно фарми, а не е наведено куќа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА