ЗА 20 ГОДИНИ МАМОГРАФИЈА ВО ВЕВЧАНИ ПРЕГЛЕДАНИ НАД 40 ИЛЈАДИ ЖЕНИ, НАЈМЛАДАТА СО РАК НА ДОЈКА ИМА 27 ГОДИНИ

    ЗА 20 ГОДИНИ МАМОГРАФИЈА ВО ВЕВЧАНИ ПРЕГЛЕДАНИ НАД 40 ИЛЈАДИ ЖЕНИ, НАЈМЛАДАТА СО РАК НА ДОЈКА ИМА 27 ГОДИНИМамографија во Здравствениот дом прават пациентки од Вевчани, Кичево, Охрид, Струга и Дебар; - Д-р Жарко Даскалоски. (Фото: СДК.МК)

    Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“ во Вевчани одбележува 20 години од првата мамографија направена во оваа здравствена установа, која важи за регионален центар каде се прегледуваат пациентки од Кичево, Охрид, Струга, Вевчани и Дебар.
    Д-р Жарко Даскалоски, специјалист по радиодијагностика од Здравствениот дом Вевчани, вели дека во тоа време во државата постоеле мал број центри, а во Вевчани во Рентген одделението се започнало со нова дијагностика за да им се помогне на жените за полесен пристап до преглед на ехо на дојка со мамографија.

    „Мамографот во тоа време беше единствен на овие наши простори. Почнувајќи од Дебар завршувајќи до Охрид, Ресен, Кичево почетокот за мамографија е во Здравствен дом Вевчани. Секогаш кога се спомнуваат тие први почетоци се спомнува нашиот Здравствен дом“, вели д-р Даскалоски.

    Во Здравствениот дом во Вевчани има пациенти од цела држава, а годишно се прават и над 2.500 ехо прегледи и мамографија на дојки. Даскаловски вели дека на самите почетоци немало голема заинтересираност оти женската популација не била едуцирана за значењето на превентивните прегледи.

    „Во почетокот бројката беше скромна. Првата година прегледавме некаде 500 пациенти, но од година во година таа бројка се зголемува и сега со гордост можам да кажам дека имаме 1.500 мамографии и плус 2-3 илјади ехо прегледи. Ако се земе еден просек, скоро еден цел град, 40 до 50 илјади луѓе, женска популација се поминати тука“, кажува д-р Даскалоски.

    Здравствената установа во Вевчани располага со опрема за мамографски и ехотомографски прегледи кои се од самите почетоци. Д-р Даскалоски вели дека е потребно да се донесат нови апарати оти само на тој начин може уште повеќе да се подобри квалитетот на услугата.

    Ракот на дојка во Охридско–Струшкиот Регион во последните 10 години е во пораст. Во Здравствениот дом во Вевчани зголемен е бројот на прегледи на пациентки, но опаѓа старосната граница за заболени. На самите почетоци била 55-60 години, но со тек на време таа се намалува. Најмладата кај која е дијагностициран рак на дојка има 27 години, а најстарата е 84-годишна.

    Во првите шест месеци од годинава има 6 случаи на карцином на дојка на возраст од 30 до 40-годишна возраст. Даскалоски вели дека превентивата е најзначајна, но за жал има пациентите кои доаѓаат со развиен стадиум на болеста.

    „Свеста од година во година расте, женската популација си има една своја култура да доаѓа на редовни мамографски и ехотомографски прегледи, на шест месеци или на година. Клучно за лекувањето на болеста е рана детекција и ефективен третман “, вели д-р Даскалоски и потенцира дека генетиката, но и начинот на живот, стресот, исхраната се едни од главните причини за ова заболување.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира