Зголемен е бројот на деца во ризик во Велешко во 2025, споредено со 2024, покажуваат податоците од Годишниот извештај на Општинскиот совет за превенција на малолетничко престапништво, тело при Советот на Општина Велес. Според извештајот, бројот на деца во ризик е зголемен за 69 случаи, односно за 21 процент. Во 2024 биле евидентирани 327 деца во ризик, а лани 396. Од нив, 87 проценти се машки деца.
Според Законот, како деца во ризик се сметаат лица на возраст од пет до 18 години кои се жртви на каква било форма на насилство, деца во судир со законот, деца кои користат дрога и алкохол, питачат, се оддаваат на проституција или не посетуваат настава.
Психолозите кои работат со деца велат дека врз девијантното однесување влијаат повеќе фактори, пред сè семејството и општествената средина.
„Првите социјални вештини се градат во семејството, уште пред детето да тргне на училиште. Тука дел од родителите прават пропусти во изградувањето на личноста и пренесувањето позитивни морални вредности. Често недостига слух за потребите на детето, а комуникацијата во семејството е нарушена. Родителите испраќаат двојни пораки, едно им зборуваат на децата, а со сопственото однесување покажуваат друго“, вели Лидија Хаџи Арсова, психолог во основно училиште во Велес.
Со поаѓањето на училиште, вели таа, се проширува социјалниот круг и големо влијание имаат врсниците. Наставниците укажуваат на последиците од несоодветното однесување, но и општеството испраќа двојни пораки.
„Денес наставниците внимаваат на секој изговорен збор, а родителите често реагираат заштитнички, убедени дека нивното дете е примерен ученик и не ја прифаќаат реалноста дека детето може различно да се однесува дома и на училиште. Решението е во превенцијата и поголема вклученост на децата во младински активизам и конструктивни активности. Но и тука има пречки, бидејќи за речиси секоја активност се потребни финансиски средства што треба да ги обезбедат родителите. Општеството треба да ги преземе овие трошоци за доброто на децата, затоа што не секој родител може да му овозможи дополнителни активности на своето дете“, вели Хаџи Арсова.
Зголемен е и бројот на деца жртви на кривични дела. Во 2025 биле евидентирани 35 деца-жртви, од кои 22 случаи биле сторени од други деца, а 13 од полнолетни лица. Во 2024 биле регистрирани 23 деца-жртви.
Поради зголемениот број деца во ризик, зголемен е и бројот на деца кои добиле помош и заштита од Центарот за социјални работи Велес. Лани поддршка добиле 396 деца, а една година претходно 301, што претставува пораст од 31 процент.
Зголеменото детско престапништво придонело и за пораст на прекршочните постапки во Основниот суд Велес. Во 2025 биле водени постапки против 252 деца, наспроти 191 во 2024. Во Основниот суд Велес лани биле евидентирани вкупно 317 прекршочни постапки поврзани со деца, од кои 235 биле нови предмети, а 82 пренесени од 2024. Бројот на прекршочни пријави е зголемен за 27 проценти.
Во текот на 2025 биле водени и 28 кривични постапки против деца. Од нив, 17 биле новопримени предмети, а 18 пренесени од претходната година. На крајот на годината останале нерешени седум предмети.
Во 2025 СВР Велес поднело кривични пријави против деца за дела како Одземање моторно возило, Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста, две дела Загрозување на сигурноста, Уцена, Силување на дете кое не наполнило 15 години, како и два кривично-правни настани за кои Основното јавно обвинителство Велес дополнително ќе одлучува за квалификацијата.
П. ПЕЧКОВ



