ЗА 5 ГОДИНИ ИМАВМЕ 4 ТРАГЕДИИ СО 97 ЖРТВИ И 0 ДЕНА ЗАТВОР – ТЕТОВЦИ ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ СУДСКАТА ВЛАСТ

    ЗА 5 ГОДИНИ ИМАВМЕ 4 ТРАГЕДИИ СО 97 ЖРТВИ И 0 ДЕНА ЗАТВОР – ТЕТОВЦИ ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ СУДСКАТА ВЛАСТТетовци побараа да се казнат вистинските виновници за пожарот во ковид болницата (Фото: СДК.МК)

    Стотина граѓани со протест пред Основниот суд и Јавното обвинителство во Тетово го изразија своето незадоволство од судската власт и јавниот обвинител и ги обвинија за манипулација и извртување на судскиот процес за пожарот во модуларната ковид болница, кога животот го загубија 14 лица. Со бројните пароли напишани на албански и македонски јазик бараа да се прекине со селективната правда и со корупцијата во судството и беше побарана одговорност од носителите на судската власт и разрешување на јавниот обвинител Јовески.

    „За пет години имаме четири трагедии, 97 жртви и нула дена затвор. Затоа довербата во правосудниот систем на оваа држава е нула. Животите на граѓаните станаа заложници на пазарења и тендери без критериуми. Се виде дека корупцијата убива. Целиот процес докажа дека Обвинителството и судот се дел и бранители на злосторничко здружување. Бараме Владата веднаш да го разреши јавниот обвинител Јовески и тој заедно со другите обвинители инволвирани во оваа монструозно дело да одговараат кривично. Бараме да се казнат вистинските виновници, вклучително и политичари, кои спротивно на законот го доделија тендерот за изградба на болницата на фирмата ‘Брако‘“, стои во соопштението кое пред насобраните го прочита Елмедина Абдулаи од движењето „За подобро Тетово“.

    Додека траеше протестот, една коловозна лента од булеварот Илинденска беше блокирана за сообраќај.

    „Ова нека биде почеток, цела Македонија треба да реагира. Ова се случи во Тетово, но може да се случи секаде. Нив воопшто не ги интересира што се случува со народот“, изјави еден учесник на протестот.

    Кога протестанти се обидоа да залепат дел од паролите на влезната врата од судот, дојде до мало кошкање со полицијата, која беше поставена како обезбедување. Таа во прв момент не дозволуваше да се залепат паролите и транспарентите, но набрзо ситуацијата се смири, па тие беа залапени на влезната врата и оградата од судот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира