Од јануари до септември годинава низ Скопје се запалени и уништени 66 контејнери за фрлање ѓубре. Од Град Скопје велат дека имаат голем проблем со палењето и уништувањето на контејнерите и апелираат до граѓаните правилно да го одлагаат отпадот и да не ги палат садовите за одлагање ѓубре.
„Со ваквите постапки се создаваат големи проблеми при одлагањето и собирањето на комуналниот отпад, а се нанесува и директна финансиска штета на јавното претпријатие ’Комунална хигиена‘. За да се подобри хигиената во градот и да се зачува животната средина апелираме до граѓаните својот кабаст отпад – стариот мебел, електронските и електричните апарати – да не ги фрлаат на јавните површини и да не ги оставаат до садовите за собирање на комуналниот отпад“, велат од Град Скопје.
Од таму информираат дека јавното претпријатие на граѓаните им нуди можност кабастиот отпад да го одложат во Центрите за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште, или во претоварната станица што се наоѓа во Шуто Оризари. За оваа услуга не се наплатува паричен надоместок.
Пред две недели ЈП „Комунална хигиена“ остана без еден камион за собирање на ѓубре кој беше украден додека бил на сервис.
А. АНТЕВСКА