ЗА ЧИСТЕЊЕ ДИВИ ДЕПОНИИ ПОТРОШИВМЕ 500.000 ДЕНАРИ, СО ТИЕ ПАРИ УЛИЦА ЌЕ НАПРАВЕВМЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ВЕЛЕС

    ЗА ЧИСТЕЊЕ ДИВИ ДЕПОНИИ ПОТРОШИВМЕ 500.000 ДЕНАРИ, СО ТИЕ ПАРИ УЛИЦА ЌЕ НАПРАВЕВМЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ВЕЛЕСВонредното чистење се одвивало на неколку локации и биле собрани 1.250 кубни метри градежен шут (Фото: СДК.МК)

    Десетина дена траеше вонредната акција на локалната власт за чистење на градежниот шут што се наоѓаше на приодите на Велес. Се работело на неколку локации и биле собрани 1.250 кубни метри градежен шут. Исчистени се пристапниот пат кон населбата Дурутовец, излезот од Велес кон Скопје и влезот во Велес од Штип.

    „Неодговорни поединци и фирми исфрлиле градежен шут на диви депонии, за чие вонредно чистење потрошивме 500.000 денари пари од општинскиот буџет. Со тие пари можевме да им помогнеме на сиромашните, да купиме средства за лична заштита или да изградиме некоја улица. Затоа апелирам, почитувајте ги прописите и фрлајте го отпадот на соодветни места“, порача градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

    Општина Велес има определено локација за депонирање на земја, шут и друг отпаден градежен материјал.

    Во последната акција исчистени се и дивите депонии со комунален отпад во близина на Градскиот пазар во Потокот и дивата депонија во напуштен приватен имот на улица Вера Циривири. Притоа биле собрани 40 кубни метри отпад. Во тек се генерално чистење и дезинфекција на рекреативниот центар езеро Младост, кое треба да заврши до крајот на неделава.

    „Изгледот и хигиената на улиците е лицето на секој граѓанин на Велес. Секој од нас значително може да придонесе за поубав и почист град“, велат од локалната власт.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари