ЗА ДА ИМА ПАРКИНГ ВО ВЕЛЕС УРНАТ НАПУШТЕНИОТ ДИСПАНЗЕР ЗА БЕЛОДРОБНИ БОЛЕСТИ

    ЗА ДА ИМА ПАРКИНГ ВО ВЕЛЕС УРНАТ НАПУШТЕНИОТ ДИСПАНЗЕР ЗА БЕЛОДРОБНИ БОЛЕСТИПарцелата на која се наоѓа зградата на Диспанзерот се адаптира во привремен паркинг простор за сто возила. (Фото: СДК.МК)

    Се отстранува објектот на поранешниот Диспанзер за белодробни заболувања во Велес, а на негово место локалната власт ќе гради паркинг простор од времен карактер. За неколку дена зградата е срушена, останаа само уште подрумските простории.

    „Парцелата на која се наоѓа зградата на Диспанзерот се адаптира во привремен паркинг простор, при што Велес ќе добие нов простор за паркирање за стотина возила, на површина од околу 1.200 метри квадратни. Со оваа постапка делумно се решава недостатокот на паркинг места во новиот дел од градот кој е густо населен и ќе го ублажиме проблемот со простор за паркирање“, соопшти Општина Велес.

    Зградата на Диспанзерот е на улица Наум Наумовски-Борче и беше надвор од употреба од септември 2013 поради лошите услови за работа. Паркингот би бил времен сè додека не се донесе новиот Генерале урбанистички план (ГУП), а потоа и детален урбанистички план (ДУП), оти постојниот просторот се води како локација за здравствена намена, а со промената тука би се градела катна гаража.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира