Секоја црква си има камбанарија со црковно ѕвоно, а единствено тетовската црква „Св. Атанасиј“, која се наоѓа на врвот на тетовското Кале, има мобилна камбанарија. Секогаш кога се одбележува некој црковен празник, црковното ѕвоно се носи во црквата, а кога ќе заврши прославата, тоа се враќа на безбедно место во Тетово. Црковниот одбор на „Св. Атанасиј“ ова го практикува со години за црковното ѕвоно да не биде украдено, бидејќи ова црковно светилиште во изминатиов период, посебно од 2001 па наваму, честопати било ограбувано и сквернавено.
„На секое одбележување на празникот Св. Атанасиј, кој е патрон на црквата на Балтепе, црковното ѕвоно го носиме од Тетово и го поставуваме во камбанаријата, а кога ќе заврши црковната служба, го симнуваме и го враќаме назад во Тетово. Ова го правиме бидејќи не сме сигурни дека ако го оставиме во црквата некој нема до го украде. Порано, а и сега, кражбите во оваа црква ги има постојано. Ѕвоното е многу скапо, чини неколку илјади евра и навистина нема потреба да ризикуваме да биде украдено. Ова го правиме како превентивна мерка. Поради честите кражби, оштетување и скрнавење на објектот поставивме и видео надзор, но сепак и покрај ова не се осмелуваме црковното ѕвоно да го оставиме во манастирот“, велат од Тетовско-гостиварската епархија под чија надлежност е црквата.
Манастирот „Св. Атанасиј“ е изграден на врвот на Балтепе и се наоѓа во средината на тетовското Кале. Изграден е врз остатоците на црковен објект кој датира од поред многу векови, а првпат се споменува во еден пишан документ од 1321.
Во текот на својата повеќевековна историја, манастирот три пати бил целосно разурнат и опустошен од Турците, но бил повторно обновуван. Во 19. век, кога Абдураман паша почнал да го гради тетовското Кале, објектот кој тогаш постоел до темел бил разурнат. Неговата обнова започнува во 1917, кога на местото кај што лежел стариот храм на манастирот била подигната нова црква, поголема и поубава, а која била завршена во 1922. За време на воениот конфликт од 2001 и годините потоа, манастирот честопати беше ограбуван, сквернавен и оштетуван. Сега состојбата до некаде е подобрена, но црковното ѕвоно и понатаму од превентивни причини не се остава во манастирот.
З. АНДОНОВ