За да не се фрлаат докрај неискористени дози со вакцини против ковид-19, неколкумина од граѓаните кои добиваат термин за вакцинација во попладневните часови може да бидат вратени за следниот ден, појаснуваат од Здравствениот дом од Битола. Така е затоа што шишенцето со вакцина „АстраЗенека“ содржи 10 дози и ако на крајот од денот се отвори за еден до двајца граѓани, останатите осум или девет дози не траат до следниот ден и треба да се фрлат. Со цел да биде искористена секоја доза, неколкумина граѓани можно е да бидат вратени за следниот ден, но задолжително ќе бидат вакцинирани.
„Тие се влезени во системот и ќе бидат вакцинирани следниот ден, ќе ги повикаат од службите за вакцинација, не може да го изгубат редот и правото на вакцина. Но мора да бидеме разумни, да се штедат вакцините, да не се фрлаат“, вели директорката за Здравствен дом Весна Спиркоска.
За два дена во Битола беа вакцинирани по 70 битолчани, вкупно 140. Според Мој термин, планирано е дневно да се вакцинираат во Битола по 100 лица над 77 години, односно да се искористат 10 шишенца со по 10 дози за да не остануваат отворени за следниот ден. Но, се случува некои што се пријавиле да не дојдат на терминот, па останува на крај за неколку граѓани да треба да се отвора ново шишенце, па се презакажуваат за следниот ден.
Од Здравствен дом додаваат дека со оглед на тоа што се работи за повозрасна популација и доаѓањето во пунктот за вакцини за некои е мачно, ако има неподвижни лица можат да се договорат со екипите за вакцинирање дома да им ја стават вакцината.
Ж. ЗДРАВКОВСКА