Штипските првачиња ја почнуваат новата учебна година со нови ранци и училиштен прибор, што Општина Штип ги обезбеди преку спонзори. Ваква донација обезбеди и Општина Карбинци, каде што бројот на првооделенците исто така е намален во однос на планираните и изнесува 52. Оваа општина ги награди првачињата и со по 3.000 денари.
И штипските општински власти се загрижени за бројот на запишаните првачиња, затоа што за една деценија нивниот број е преполовен. Од 800-900 првоодделенци колку што се запишуваа пред десетина години, ова лето нивниот број е сведен на 430. Од планираните 640, наставата ја почнуваат 200 ученици помалку.
Од општинскиот сектор за образование велат дека бројот на првачињата во изминатава деценија константно опаѓа. Не само што секоја година се намалува бројот на новородените деца, туку се намалува и бројот на запишаните, главно поради миграцијата и иселувањето во странство.
„Загрижува податокот дека во претходните години имавме намалување на запишани ученици од десетина проценти, а сега е дури 30 проценти“, вели Соња Николова од Секторот за образование при Општина Штип.
Во средните училишта во Штип во прва година се запишани 470 ученици, помалку од лани. Ваквите појави се присутни и во соседните градови во регионот.
Т. ЈОВАНОВСКИ