За дивата струшка депонија која се наоѓа на само 500 метри од првите куќи, во близина на реката Црн Дрим и на 2 километри од Охридското Езеро, ќе се расправа пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Стразбур ја прифати апликацијата за еден од најголемите еколошки и здравствени проблеми во Струга. Во постапката се бара утврдување на повреда на правата на пристап до суд, повреда на приватен и семеен живот и повреда на правото на ефективен правен лек
„За разлика од домашните судови кои се прогласија за ненадлежни, Европскиот суд за човекови права во Стразбур нѐ извести дека ја допушти апликацијата поднесена во врска со дивата струшка депонија. Ова значи дека Стразбур ќе расправа за еден од најголемите еколошки и здравствени проблеми во Струга“, вели адвокатот Глигорие Ќатоски.
Од Здружението на млади правници велат дека македонските судови не само што не покажале доволен капацитет да одлучуваат по вака битни прашања за заштита на јавниот интерес на граѓаните, туку несоодвено и неаргументирано ја отфрлиле тужбата.
„Со оваа проблематика најпрво се соочивме во 2017 година кога имаше големи спалувања на депонијата, тогаш во својство на граѓански активист, а сега во својство на адвокат којшто има поднесено апликацијата до Европскиот суд за човекови права. Овој прболем е горлив проблем за стружани и претставува еден од најголемите предизвици на градот во делот на обезбедување здрава животна средина што е уставно право на секој граѓанин на оваа држава, но исто така и во делот на заштита на здравјето и животот на луѓето”, додава Ќатоски.
Според него, одговорност мора да има оти струшката депонија 20 години ги труе граѓаните со над 40.000 тони отпад годишно, без никаква контрола врз видот на отпадот и претставува една од најопасните нестандардни, диви депонии во државата.
„Глувоста и игнорирањето на проблемот со депонијата на која се натрупани илјадници тони секаков вид отпад не смее да помине неказнето“, велат младите правници.
Во постапката тужени се Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и јавното претпријатие Комунално-Струга, поради непреземање мерки за справување со дивата депонија.
С. ВРЕНЦОВСКА