Градоначалникот Петре Шилегов денеска најави дека за две години сите кучиња во Скопје ќе бидат чипирани. Тој рече дека Град Скопје од минатиот месец заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство формирале работна група за решавање на проблемите со уличните кучиња, но и они кои имаат сопственици.
Најдоцна за две години се очекува да биде изготвен регистар на домашни миленици, но и градски регистар на кучиња скитници, со што според Шилегов ќе се спречат настани како нападот на 9 лица во oпштина Аеродром од расно куче.
„Град Скопје во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство работи на изнаоѓање на системско решение за превенција на уличните кучиња, но и на домашни миленици. Овој процес одзема време и затоа апелирам до граѓаните да имаат разбирање. До средината на мојот мандат ќе имаме регистар на домашни миленичиња, односно сопствениците ќе мораат да ги чипираат кучињата или мачките. Ќе направиме градски регистар на кучиња скитници, кои исто така ќе бидат чипирани. Во прва фаза ќе бидат опфатени кучињата, а во втора мачките. Наша цел е во Скопје да имаме целосна евиденција и тотално нов третман на кучињата скитници“, рече Шилегов.
Тој најави дека од крајот на јануари Градот ќе почне со спроведување на активностите за хуман третман на уличните кучиња, но и зачестени контроли на инспекторите дали сопствениците кучињата ги шетаат врзани и со маска.
„Досега немало казни за шетање на кучиња без маски и ремен. Тоа ќе се смени од моментот кога ќе започнеме со примена на целокупниот систем. Со Министерствотото за земјоделие сме во контакт да се изработи регистар за да не може така лесно да се купуваат отрови“, додаде Шилегов и ги повика граѓаните доколку забележат фрлање отров веднаш да пријават во полиција.
Сопственикот на кучето кое во петокот во наслебата Аеродром нападна 9 лица сè уште не е идентификуван. Досега до Град Скопје ниту едно нападнато лице не поднело тужба.
А. АНТЕВСКА