ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ, 50 ДЕЦА ВО ГЕВГЕЛИЈА СО ИНФЕКЦИИ НА ДИШНИТЕ ПАТИШТА, НЕ СЕ КОВИД ПОЗИТИВНИ

    ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ, 50 ДЕЦА ВО ГЕВГЕЛИЈА СО ИНФЕКЦИИ НА ДИШНИТЕ ПАТИШТА, НЕ СЕ КОВИД ПОЗИТИВНИНа Детското одделение сега лежат две бебиња, 20 деца се на дневен третман, а во изминатиот месец неколку деца кои имале потреба од кислородна поддршка се препраќани и во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    За еден месец, во Гевгелиската болница регистрирани се 50 деца кои се згрижени на Детското одделение со сиптоми на грип иако не е сезона, или пак се лекувале на дневна болница. Децата на возраст до пет години имале висока температура и тешкотии со дишењето со наод на белите дробови, што не е вообичаено за овој период.

    Како што соопшти директорот на болницата Митко Крџев, во моментов на Детското одделение хоспитализирани се две бебиња, 20 деца се лекуваат на дневен третман, а во изминатиот месец неколку деца со потешка клиничка слика кои имале потреба од кислородна поддршка се препраќани и во Скопје.

    „Се работи за вирусна или за бактериска инфекција на горните респираторни патишта кои набргу поминуваат во инфекција на долните респираторни патишта, со чести компликации на бронхопневманија. Овој тип на заболувања не е каректеристичен за летните месеци, вообичаено за оваа категорија пациенти се цревните заболувања. Што е причината и зошто се јавува во овој период за нас е непознато“, вели директорот Крџев.

    Изненадувачки големата бројка деца со сиптоми на сезонски грип и бронхопневмонија ги изненадила и лицата од Центарот за јавно здравје од Гевгелија. Со нивна соработка, кај децата се направени ковид тестови, но сите се негативни.

    „Бидејки беше постковид сезона направени се брзи и ПЦР тестови кај децата, но тие излегоа негативени. Земен е материјал и препратен е до соодветни институции во Скопје на геномско секвенционирање, за да утврдиме за каков причинител станува збор, дали е вирусна или бактериска инфекција“, рече Крџев.

    Од Министерството за здравство велат дека во текот на утрешниот ден тим од Клиниката за педијатрија, во состав д-р Аспазија Софијанова, д-р Весна Мицевска и д-р Валентина Јовановска Огненовиќ ќе бидат упатени во Гевгелиската болница, за поддршка на педијатрите и евентуални дополнителни испитувања во делот на специфична дијагностика.

    Оттаму додаваат дека гевгелиската болница досега ги има преземено сите здравствени протоколи за третман на младите пациенти, но поради неспицифичноста на самите инфекции кои се појавиле во топлиот период, а карактеристични се за есен и зима, потребни се дополнителни анализи и по завршувањето на истите јавноста ќе биде информирана.

    Во Гевгелија епидемиолошката слика со ковид -19 е мирна и веќе подолг временски период нема новозаболени со вирусот.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира