ЗА ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ВО БИТОЛА ГОДИШНО ИМА СТОТИНА БРАКОВИ ПОМАЛКУ

    ЗА ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ВО БИТОЛА ГОДИШНО ИМА СТОТИНА БРАКОВИ ПОМАЛКУБројките само ја потврдуваат реалната слика на иселеничкиот бран од кој е зафатена Битола (Фото: СДК.МК)

    За десетина години, бројот на склучени бракови во Битола е намален за стотина, а оној на разводи зголемен за дваесетина.

    Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, минатата година во Општина Битола биле склучени 503 бракови, а во 2009 година ги имало 603. Статистиката покажува дека до 2008 година бројот на новорегистрирани двојки на годишно ниво се движел над 600, па така во 2005 имало 612 свадби, во 2006 – 601, а во 2007 дури 649. Потоа, бројката почнала да се намалува на околу 500 свадби годишно. Најмалку младоженци и невести имало во 2017 година, кога бројката паднала под 500, поточно 496.

    Ако овие бројки се анализираат на подолг период, бројот на свадби е преполовен за две децении. Така до 1997 година, во Битола имало по 1.000 свадби годишно, а по оваа година, кога се случила и аферата ТАТ, бројот на свадбени прослави се намалил на околу 800, а потоа и повеќе.

    Ваквите бројки само ја потврдуваат реалната слика на иселеничкиот бран од кој е зафатена Битола, посебно младата популација, која во потрага по егзистенција заминува во странство или во Скопје.

    Разводи до пред десетина години имало педесетина годишно, а лани се развеле 67 двојки. Меѓу разведените има и такви кои во брак биле помалку од една година. 31 процент од разводите лани се случиле во првите четири години од бракот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира