ЗА ЕДНА НЕДЕЛА РЕЦИКЛИРАНИ 3.500 ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА ВО МАШИНИТЕ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР

    ЗА ЕДНА НЕДЕЛА РЕЦИКЛИРАНИ 3.500 ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА ВО МАШИНИТЕ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАРОд оваа недела, за картичката „Грин пеј“ ќе може да се аплицира онлајн. (Фото: ПОЦ)

    Околу 500 жители на Општина Центар добиле „грин пеј“ картичка, а за една недела рециклирани се 3.500 шишиња и лименки. Од оваа недела за картичката „грин пеј“ преку која се добива повратот на пари, ќе може да се аплицира онлајн. Досега се аплицираше само во просториите на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ (ПОЦ) во катната гаража „Судска палата“.

    „Интересот на граѓаните за користење на повратните вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки е навистина голем. За само две недели, имаме повеќе од 500 апликации за новата „грин пеј“ платежна картичка. Очекуваме дека оваа бројка драстично ќе се зголемува на дневна база бидејќи веќе e отворена можноста и за онлајн аплицирање преку веб платформата www.poc.mk, а за 10 дена ќе може да се аплицира и преку ПОЦ мобилната апликација“, вели директорот на ЈП „Паркизни Општина Центар“ Васко Кичевски.

    Пред еден месец, општинското претпријатие ги пушти во употреба првите седум повратни вендинг машини за рециклирање. Машини се поставени пред бараките на Општина Центар, кај слаткарница „Апче“, кај монтажната гаража „Буњаковец“, во затвореното паркиралиште „Дом на градежници“, затворено паркиралиште „Зелен пазар“, во ГТЦ и затвореното паркиралиште „Дилајла“ во Капиштец.

    Со „грин пеј“ картичката жителите имаат можност да учествуваат во процесот на рециклирање и да пазарат со попусти во зелената мрежа на локали кои се приклучија во овој проект, маркети, ресторани, кафеани, кафулиња и бутици.

    „Досега, оваа мрежа вклучува повеќе од 30 локали кои ќе овозможат попусти, а поради големиот интерес зелената мрежа секојдневно ќе се проширува. Дополнителна поволност на оваа картичка е можноста за префрлање на средства од други платежни картички“, додава Кичевски.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира