ЗА КОНТИНУИРАНА РАБОТА НА РЕК „БИТОЛА“ МОРА НАБРЗО ДА СЕ ОТВОРИ РУДНИКОТ ВО ЖИВОЈНО, РЕЧЕ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ

    ЗА КОНТИНУИРАНА РАБОТА НА РЕК „БИТОЛА“ МОРА НАБРЗО ДА СЕ ОТВОРИ РУДНИКОТ ВО ЖИВОЈНО, РЕЧЕ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВМора да се подобри состојбата со ископите на јаглен и од таму да се добијат предвидените можеби не 2 милиона тона годишно, туку милион до милион и двесте-триста тони јаглен годишно мора да излезе од таму. И мора без алтернатива да се мисли на отворањето на Живојно во блиска перспектива, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев на денешната прослава во повод Денот на рударите во РЕК „Битола“ (Фото: СДК.МК)

    Мора да се подобри состојбата со ископот на јаглен во рудникот Брод-Гнеотино во РЕК „Битола“, а мора и да се мисли за што поскоро отворање на рудникот во Живојно, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев на денешната прослава во повод Денот на рударите во РЕК „Битола“. Тој рече дека само со зголемување на ископот на јаглен и планови за десет години однапред и прецизни со дневни и месечни динамики во следните пет-шест години, ќе имаме стабилен електро-енергетски систем во Македонија.

    „Мора да се подобри состојбата во Брод-Гнеотино, мора да се подобри состојбата со ископите на јаглен и од таму да се добијат предвидените можеби не 2 милиона тона годишно, туку милион до милион и двесте-триста тони јаглен годишно мора да излезе од таму. И мора без алтернатива да се мисли на отворањето на Живојно во блиска перспектива. Само на тој начин ќе се обезбеди континуирана работа на РЕК ‘Битола’ која е неопходна за стабилен електро-енергетски систем во Македонија. Како власт ќе дадеме максимална поддршка овие дејности да се случат не во некоја далечна иднина, туку во блиска “, рече Анѓушев.

    Тој критикуваше дека во изминатите години биле потрошени најголемиот дел од средствата за реконструкција на котлите, а не се добиле очекуваните резултати.

    „Имаме договор за реконструкција на котлите кој сѐ уште не е завршен и е во деликатна фаза, практично резултатите кои се очекувало да бидат добиени не се добиени, а потрошени се добар дел од средствата, од 90 милиони евра колку што бил договорот, 65 милиони евра се потрошени. Тука треба да се расчисти состојбата со испорачателот на опремата, да се расчисти во корист на РЕК и сме во преговори тоа да се заврши“, рече Анѓушев.

    Генералниот директор на ЕЛЕМ Драги Миновски, рече дека ги чека нов предизвик да се обезбеди јаглен за следната грејна сезона и за тоа ќе треба многу поголема заложба.

    „Во иднина повеќе ќе работиме да обезбедиме услови за современо безбедно и ефективно ископување на јаглен во рудниците. По 30-месечен застој, го оспособивме и повторно го вративме во функција багерот СРс 1050 кој е од значително значење за ископот на јаглен и јаловина во Суводол. Правиме напори да обезбедиме сопствена механизација и да го осамостоиме процесот на ископ, за што веќе е почната постапка за набавка на механизација“, рече Миновски.

    Генералниот директор на РЕК „Битола“ Васко Ковачевски, рече дека за нешто повеќе од шест месеци од доаѓањето на новиот менаџерски тим санирани се дефектите на шест багери за ископот на јаглен и јаловина и во Подинската серија во Суводол и во Брод-Гнеотино.

    „Вкупното производство на јаглен за првите шест месеци е натфрлено и покрај големиот број предизвици со кои се соочивме. Минатата грејна сезона се соочивме со сериозни проблеми при ископот на јаглен предизвикани од економскиот оператор кој беше ангажиран, но со дисциплиниран и добро организиран пристап на нашите рудари зимата успешно ја пребродивме. Во новата грејна сезона ќе влеземе со најмалку 300.000 тони јаглен што ќе го имаме на нашата депонија“, рече Ковачевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира