ЗА МАЛКУ ЌЕ ЕКСПЛОДИРАШЕ ВЕЛЕШКА „ПОРЦЕЛАНКА“, ПОЖАРНИКАРИТЕ НЕ ДОЗВОЛИЈА ОГНОТ ДА СТАСА ДО ПОГОНОТ СО ПЛИН, РЕЧЕ АНГЕЛОВ

    ЗА МАЛКУ ЌЕ ЕКСПЛОДИРАШЕ ВЕЛЕШКА „ПОРЦЕЛАНКА“, ПОЖАРНИКАРИТЕ НЕ ДОЗВОЛИЈА ОГНОТ ДА СТАСА ДО ПОГОНОТ СО ПЛИН, РЕЧЕ АНГЕЛОВВо погонот имало 80 тони плин. (Фото: СДК.МК)

    Четири часа траела драмата за спасување на околината на некогашната велешка фабрика „Порцеланка“, по пожарот кој вчера избувна во комбинатот. Состојбата била критична бидејќи во еден нејзин дел имало складиште и цистерни со плин. Од 19,30 до 23 часот траела борбата за скротување на огнената стихија, чии црни облаци се гледаа до Велес.

    „Благодарение на пожртвуваната интервенција на велешките пожарникари, беше избегната голема трагедија. Во кругот на некогашна ‘Порцеланка‘ се наоѓа фирма која работи со плин. Според сопственикот, има повеќе од 80 тони плин кој ако не беше сопрен огнот, ќе екслодираше. Плинот е распореден во голем топчест сад, како резервоар и десетина цистерни. Огнот бил сопрен во последен час на помалку од стотина метри, оти преку сувата трева ќе стигнел до цистерните, резервоарот, ќе ги зафател и ќе дошло до огромна експлозија, која ќе ги опфатела и загрозела и соседните куќи, кои не се малку. Пренасочивме два хеликоптера кои наместо за Криволак трсбаше да интервенираат тука, но пожарникарите со нивната интервенција не оставија простор за помош од воздух“, кажа директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

    Кога велешките пожарникари со четири возила и 12 лица стинале на местото од пожарот, тој бил во развиена форма.

    „Поставивме линии и за четири часа го ликвидиравме. Бевме свесни каде одиме да интервенираме, што се случува и на каква опасност сме изложени. Ние бевме последна линија за спас на околните жители и во тоа успеавме. При доаѓањето на лице место, затекнавме цистерни со плин и основно што дејстувавме е да го спречиме огнот да дојде блиску до нив и да не се направи голема трагедија“, рече Димче Јованов, командир на вод на Противпожарната единица во Велес.

    Густиот црн чад кој што беше присутен од пожарот кај „Порцеланка“, резултираше со загадување на воздухот во Велес. Вчеравечер од 20 до 23 часот во градот миризбата на чад го поремети редовното живеење на велешани. Мерните инструменти на Министерството за животна средина за квалитетот на воздухот регистираа во овој термин енормно загадувањето и со чад и со ПМ2,5 честички. И покрај лошиот квалитет на воздухот во Велес во ноќните часови, во службата за Итна помош не биле регистрирани пациенти кои побарале помош поради потешкотии со дишењето, кажа началничката на службата д-р Василка Пановска.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира