ЗА НЕКОЛКУ ДЕНА ЌЕ ПОЧНАТ ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ НА АВТОПАТИТЕ ОД КОРИДОРОТ 8, НАЈАВУВА АРТАН ГРУБИ

    ЗА НЕКОЛКУ ДЕНА ЌЕ ПОЧНАТ ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ НА АВТОПАТИТЕ ОД КОРИДОРОТ 8, НАЈАВУВА АРТАН ГРУБИМинистерот за транспорт и врски Благој Бочварски не можеше со сигурност да потврди дали автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршен во 2023 година како што беше неодамна ветено, туку рече дека патот постојано се гради и ќе се пушта во употреба делница по делница. (Фото: СДК.МК)

    Првиот заменик премиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, заедно со нивните заменици денеска направиле инспекција на сите активности кои се одвивале на Коридорот 8. Заклучиле дека ваква активност во работа патиштата во државата, немало во последниве 10 години. Пред новинарите беше најавено дека конечно, наредната недела, кај гостиварското село Дебреше ќе почнат и градежните работи за изградбата на овој Коридор.

    „Градежните работи на Коридорот 8 треба да започнат на 12 септември над село Дебреше. Досега проектирањето оди во одлична форма од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“ и сите компании кои се ангажирани. Од „Бехтел и Енка“ имаат закупено огромен дел од механизацијата и таа е веќе на пат кон нашата земја. Градежни работи се вршат насекаде, а ќе продолжат и на Коридорот 8 со минирање на планината над Дебреше и со трансфер на целиот тој материјал на новиот автопат помеѓу Тетово и Гостивар“, изјави првиот заменик премиер Артан Груби.

    Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не можеше со сигурност да потврди дали автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршен во 2023 година како што беше неодамна ветено, туку рече дека патот постојано се гради и ќе се пушта во употреба делница по делница.

    „Стоиме на ставот дека сите патишта кои ги започнавме треба да направиме максимални напори да ги завршиме. Овде станува збор и за оваа делница од автопатот Скопје-Тетово, која сега се рехабилитира, и за автопатот Кичево-Охрид, кој го затековме со голем број проблеми. Проблемите се решаваат и отстрануваат, а веќе се поставува и третиот слој асфалт. Ние правиме притисоци да почне сукцесивно дел по дел да се пушта автопатот од тоа што е подготвено. Ќе почне асфалтирање на третиот слој од Охрид кон Подмоље, продолжуваме кон аеродромот во Охрид, Ботун и кон Кичево“, вели министерот Бочварски.

    Бочварски исто така не гледа ништо спорно во тоа што фирмата „Електра Солушнс“ која добила А лиценца за надзор врз изградбата на автопатот од Коридорот 8, лиценцата ја добила за рекордно кратко време.

    „Јас подготвив еден податок од Министерството за транспорт и врски каде се гледа дека најмалку 5 фирми во последните неколку месеци имаат добиено лиценца за помалку од 5 денови, така што ова не е единствен случај“, изјави министерот Бочварски.
    Груби, Бочварски и Рустеми денеска извршиле увид на поставувањето на звучна заштита на дел од автопатот Скопје-Тетово кај Сарај и на рехабилитација на делови од асфалтната лента на излезот од Тетово, а попладнево учествуваа на Саемот на вработување на „Бехтел и Енка“ преку кој се бараат работници кои ќе учествуваат во изградбата на Коридорот 8.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира