ЗА НОВА ГОДИНА ПОВЕЌЕТО ХОТЕЛИ ВО ОХРИД И СТРУГА ЌЕ БИДАТ ЗАТВОРЕНИ, ОСТАНАТИТЕ ПОЛОВИЧНО ИСПОЛНЕТИ

    ЗА НОВА ГОДИНА ПОВЕЌЕТО ХОТЕЛИ ВО ОХРИД И СТРУГА ЌЕ БИДАТ ЗАТВОРЕНИ, ОСТАНАТИТЕ ПОЛОВИЧНО ИСПОЛНЕТИСлаб е интересот на гостите оти цените се многу повисоки поради енергетската криза. (Фото: СДК.МК)

    Половина од капацитетите на охридско-струшката ривиера нема да работат за новогодишните и божиќните празници. Двојно е помал и интересот кај туристите за прослава во овие туристички центри.

    „Очекуваме гости но, за жал, бројките не го покажуваат тоа. Според проценките, оваа година ќе имаме половично гости од она што сме имале минатите години, што секако не е добар знак за исполнетост за време на престојните празници. Сето тоа се должи на поскапувањето на електричната енергија, поскапување на сите артикли и производи“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

    Според туристичките работници, енергетската криза се покажа полоша и од корона пандемијата. Ако до лани еден тридневен новогодишен аранжман чинел 150 евра годинава цената поради инфлацијата е 250 евра.

    Мал е бројот на хотелите кои ќе имаат организирана прослава, оти само со целосна исполнетост можат да го покријат трошокот со цените кои ги нудат на пазарот. Поради енергетската криза и поскапувањата на производите цените се за 40 до 50 посто повисоки, а куповната моќ на туристите е намалена.

    „На вакво ниво ние не сме конкурентни. Големите хотели сè уште се на слободниот пазар па сметките за струја се превисоки. Затоа повеќето хотели одлучуваат да затворат. Во моментов, може да се каже дека половина капацитети на охридско-струшката ривиера се веќе затворени или ќе затвораат до крајот на декември. Ќе бидат неколку хотели што ќе организираат новогодишен дочек и тие неколку имаат проблем да добијат добра исполнетост“, вели Блажевски.

    Голем дел од хотелите во Охрид и Струга се веќе затворени, а дел најавија дека до крајот на годината ќе стават клуч на врата. Хотелиерите се надеваат дека Владата ќе им помогне да излезат од кризата со која се соочуваат веќе трета година.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира