ЗА ОХРИДСКОТО БЛАТО СЕ РАСПРАВАШЕ И НА КОНГРЕС ВО ПОРТУГАЛИЈА

    ЗА ОХРИДСКОТО БЛАТО СЕ РАСПРАВАШЕ И НА КОНГРЕС ВО ПОРТУГАЛИЈАНа конгресот повторно се зборуваше за Студенчишко Блато и тоа преку постер презентација на д-р Надежда Апостолова, професор на Универзитетот во Валенсија и член на Охрид СОС.

    Во Португалија минатиот викенд се расправаше и за Студенчишкото блато во Охрид на кое поради урбанизацијата и загадувањето му се заканува еколошка катастрофа, соопштија од Охрид СОС.
    Втора година по ред Охрид СОС имаше прилика да настапи на конгресот на Европскиот огранок на Друштвото на научници за блатни екосистеми, кој се одржа од 4 до 6 мај на Универзитетот Алгарвe во Фаро, Португалија. Ова друштво е всушност најзначајната меѓународна организација во областа на блатните екосистеми со повеќе од 3.000 членови од 60 земји.

    На конгресот повторно се зборуваше за Студенчишко Блато и тоа преку постер презентација на д-р Надежда Апостолова, професор на Универзитетот во Валенсија и член на Охрид СОС. Презентацијата беше насловена „Студенчишко Блато на брегот на Охридско Езеро: процесот на негова деградација проучен преку далечинскадетекција“. Покрај самата презентација, Апостолова учествуваше и на неколку работни средби, а најзначајна беше средбата со раководството на Рамсар–светската конвенција за заштита и одржливо користење на блатните системи. Охрид СОС уште минатата година директно во централата на Рамсар ја покрена иницијативата за прогласување на Блатото и регионот за Рамсар подрачје со што би се обезбедила негова меѓународна заштита.

    „Охридското Езеро и Блатото без сомнение ги исполнуваат критериумите за дезигнација и тоа мора да се случи“, истакнаа претставниците на Рамсар при средбата со Апостолова.
    На овогодинешниот конгрес каде што присуствуваше и генералниот секретар на Рамсар, г-ѓа Марта Рохас Урего, Европскиот огранок на Друштвото на научници за блатни екосистеми и Рамсар потпишаа меморандум за соработка што отвора можности за уште поуспешна реализација на напорите за конзервација на блатните системи, унапредување на знаењето за истите и нивната употреба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира