ЗА ПОПИСОТ ВО НОВО СЕЛО И БОСИЛОВО НЕ СЕ ЈАВИЈА ДОВОЛНО ПОПИШУВАЧИ, ЌЕ СЕ СПРОВЕДЕ СО ПОМАЛ БРОЈ ЗАШТО СЕЛАТА СЕ ПОЛУПРАЗНИ

    ЗА ПОПИСОТ ВО НОВО СЕЛО И БОСИЛОВО НЕ СЕ ЈАВИЈА ДОВОЛНО ПОПИШУВАЧИ, ЌЕ СЕ СПРОВЕДЕ СО ПОМАЛ БРОЈ ЗАШТО СЕЛАТА СЕ ПОЛУПРАЗНИОд Општина Ново Село се иселија многу луѓе во изминатите години (Фото: СДК.МК)

    Претстојниот попис ќе се реализира во општините Ново Село и Босилово со 14 попишувачи помалку од потребната бројка, бидејќи на трите јавни повици објавени од Државниот завод за статистика не се јавија доволен број лица. За овие две општини, кои влегуваат во пописен реон 15, требаше да се ангажираат 68 попишувачи и инструктори, но се јавија само 54, кои го поминале тестот и ги почнале обуките.

    Станува збор за општини од кои што во изминативе години голем број луѓе се иселија, па населените места се преполовени и главно живеат повозрасни луѓе. Најизразено беше иселувањето од подбеласичкиот регион, главно со бугарски пасоши. Според административниот регистар, треба да се попишат население и домаќинства во 32 населени места, каде што според последниот попис од 2002 живеат 25.827 луѓе, со 6.792 домаќинства и 8.194 станови.

    Претседателот на комисијата за овој реон Милан Андонов потврди дека на терен ќе работат со помалку попишувачи, но уверува дека ангажираните лица ќе ја завршат операцијата, бидејќи добар дел од населените места се мали и со мал број на жители.

    „Верувам дека со овие попишувачи ќе го реализираме пописот во општините Ново Село и Босилово. Имаме мали населени места, така што секој што ќе го заврши својот реон, односно населено место, ќе биде ангажиран во другите“, изјави Андонов, кој не можеше да одговори на што се должи слабиот интерес за попишувачи.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира