Не може во осум наутро да има многу лица за ковид вакцинација, во 16 часот да нема никој, а пунктот работи 12 часа, велат од Здравствениот дом во Битола и апелираат оние кои за вакцинација имаат термин да го почитуваат закажаното време, а не да доаѓаат порано со што се создава метеж.
Скоро секое утро, пред вакциналниот пункт во Битола има редици од луѓе кои чекаат за вакцинација, а војската создава ред и ги чита имињата на овие кои се за ревакцинација или на малолетните за прва доза.
„Голем број граѓани не го почитуваат закажаниот термин за ревакцинација, многумина доагаат во исто време и со создавањето гужви се отежнува вакциналниот процес. Замолуваме заедно да го овозможиме нормалниот процес на работа. Секој кој има закажан термин ќе биде вакциниран, тимовите работат со вакцинирање и на последното закажано лице. Да се почитуваат добиените термини, а слободното вакцинирање е без закажан термин“, апелира директорката Весна Спиркоска.
Во престојната недела ќе има повеќемина за ревакцинација, а пунктот работи 12 часа. Голем дел од здравствените работници кои се ангажирани во процесот на имунизација во Битола немаат користено ни ден годишен одмор.
Во Битола и селата досега се аплицирани над 50.000 дози вакцини против ковид-19. Вчера беа вакцинирани 1.634 лица, од кои на пунктот 1.310, на терен 287, а се вакцинирани и 37 лица кои одлежуваат казна во затворот во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА