За сите урбанистички планови Општина Центар ќе прави посебни елаборати во кои ќе се наведат прекршувањата на законот и нестручноста во нивната изработка, за да може повторно, по третпат, да се поништат. Овојпат одлуката за суспензија треба да ја донесе Министерството за транспорт и врски по предлог на Општината.
Откако пред десет дена Уставниот суд по вторпат ја поништи одлуката за мораториум во Општина Центар, по предлог на советничката Јана Белчева-Андреевска Советот донесе заклучок за почнување постапка за суспензија на плановите според новиот Закон за урбанистичко планирање. Во членот 23 (6) се нуди можност за суспензија на сите планови за кои постои стручен наод за непрофесионалност, незаконитост и нестручност.
„Постапуваме по овој заклучок, но тоа не оди толку брзо, службите не можат само за неколку дена да донесат стручен наод за секој план поединечно во кој ќе бидат наведени неправилностите. Откако ќе направиме таков елаборат, Советот на Општината како донесувач на плановите се обраќа до Министерство за транспорт и врски, а Министерството дава согласност. Досега е изработен елаборат за деталниот план за Дебар Маало“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.
На 16 декември, Уставниот суд по вторпат донесе времена мерка за укинување на мораториумот за градба во Општина Центар и одлучи да одлучува по иницијативата на двајца охриѓани за оценување на уставноста на одлуката за забрана за градба во Центар.
По однос на тоа како ќе постапува Општината во меѓувреме додека бидат изработени сите елаборати и Министерството за транпорот и врски се изјасни по нив, Богдановиќ вели дека не ја добиле официјално одлуката на Уставен суд и додека таа не стигне ќе важат истите правила како досега.