Околу 50.000 метри нова водоводна мрежа е изградено за три години низ Скопје. Во извештајот на ЈП „Водовод и канализација“ за работењето во изминативе три години се вели дека инвестирано е и во 39.309 метри фекална канализација и 20.417 метри атмосферска канализација.
„Во текот на изминатите три години, ‘Водовод и канализација‘ ги насочи работните активности кон подобрување и обнова на водоводната и канализациона мрежа и создавање услови за непречено водоснабдување и одведување на урбаните отпадни води за сите корисници. Зголемувањето на инвестициите се насочи кон сите сектори со цел подобрување на перформансите на претпријатието и следење на европските и светски трендови, стандарди, регулативи и директиви“, велат од ЈП „Водовод и канализација“ во отчетот за тригодишното работење.
Покрај инвестирање во нова мрежа, обновена е опремата во Секторот за санитарна контрола во согласност со потребите на акредитираните лаборатории, со што се унапредија процесите за изведување на хемиските и микробиолошките анализи за квалитетот на водата за пиење. Купени се нови машини, специјализирани возила и опрема, со што како што велат од претпријатието се зголеми мобилност, ефективност и ефикасност на тимовите. Воведена е и електронска наплата на сметките на води, преку мобилна апликација.
„Во овој период, станавме и првото јавно претпријатие кое започна со целосна употребува на еколошка биоразградлива хартија за печатење на сметките. Заедно со ‘Водовод Будимпешта‘ почнавме проект за намалување на загубите на вода и борба со климатските промени. Годинава стартувавме и со реализација на капиталниот проект за Скопје изградба на пречистителна станица за отпадни води, вреден 136 милиони евра“, вели директорот на „Водовод и канализација“ Душко Весковски.
А. АНТЕВСКА