Државните ординации за детска и превентивна стоматологија и службите за имунизација во Штип од денеска се пребукирани со родители кои вадат документи за примени вакцини и извршен систематски преглед кај стоматолог потребни за запишување на нивните деца во прво одделение.
Навалицата започна откако петте основни училишта ги објавија огласите за запишување на првачињата кое треба да трае до крајот на месец мај. Се очекува во прво одделение да се запишат од 500-600 деца кои по местото на живеење ќе бидат распоредени и во шесте подрачни училишта колку што има во Штип.
„Очевидна е тенденцијата на осипување бројот на учениците, иако од ланските 415 првачиња годинава очекуваме над 500 првооделенци. Но, точниот број ќе го знаеме за еден месец. Осипување бележат и одделенијата од 1. до 4. одделение. Во некои училишта се намалува и бројот на одделенијата. Во било кој поглед запишувањето на првачињата ќе се одвива онака како што предвидуваат законите“ вели раководителот за образование, јавни дејности и ЛЕР при Општината Штип, Билјана Казанџиска
Раководителите на училиштата не можат да одговараат на прашањето што ќе се случи со оние кандидати кои не ги примиле задолжителните вакцини. Огласите ги составиле по лански терк кога исто така се барало потврди за примени вакцини. Директорите на училиштата засега се држат на официјалната изјава на министерката за образование Рената Дескоска дека запишувањето на првачињата не треба да се поврзува со вакцинирањето затоа што правото на образование е уставно право што значи дека тие ќе ги прифатат сите деца кои ќе бидат пријавени за запишување.
Во службите за основно образование при Општината Штип велат дека запишувањето на првооделенци е регулирано и со посебен Правилник донесен на една од последните седници на Советот на Општината. За родителите кои нема да овозможат образование на своите деца Законот предвидува казна од 60 до 80 евра по дете.
Според општинарите поголем проблем може да биде реонизацијата при запишувањето. Многу родители однапред си имаат избрано наставник иако правилникот строго одредува кои улици и населби кон кое училиште припаѓаат. Ако постојат објективни причини за друго училиште надвор од населбата каде се живее Правилникот предвидува низа барања што родителите треба да ги поднесат до саканите училишта, а потоа за нив мислење дава и соодветната општинска комисија. Ова од причини за да не се случи нарушување бројот на одделенијата или да не се укине некоја паралелка, а наставниците да останат без работа.
Т. ЈОВАНОВСКИ