Забавниот парк пред базенот „Борис Трајковски“ се наоѓа на приватен имот и затоа не треба да даваме дозвола за поставување на реквизитите, велат од Град Скопје и Општина Карпош. Деновиве, на празниот простор пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ поставени се реквизити за деца и возрасни. Картата за едно возење на еден реквизит е 100 денари, а забавниот парк ќе работи до 15 јуни.
Како што велат од Град Скопје закупник на просторот е фирмата „Луна 10 Битола“, која е регистрирана за вршење дејност забавни и тематски паркови.
„Станува збор за отворен парк, со кој Град Скопје нема никаква поврзаност и допирна точка. Реквизитите за забавниот парк се монтираат на земјиште кое е во приватна сопственост и изведувачот плаќа закупнина за пласирањето на реквизитите на одредената локација. Градот Скопје нема никаква надлежност за давање на дозволи за работа на вакви паркови ниту пак за контрола на безбедноста и исправноста на реквизитите“, велат од Град Скопје.
И од Општина Карпош објаснуваат дека тие немаат никаква надлежност да издавање дозвола и наплата на такса за поставување на забавниот парк оти е приватен имот.
„Ние издаваме дозволи и наплатуваме комунална така само за содржини поставени на јавна површина“, велат од Општина Карпош.
А. АНТЕВСКА