Забавниот парк кој викендот почна да се поставува на празниот простор кај салата „Борис Трајковски“ ќе биде отстранет оти нелегално работи. Министерството за внатрешни работи заедно со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и градежен инспектор од Општина Карпош вчера извршиле увид на лице место, при што биле констатирани низа неправилности.
„По преземените мерки и активности и констатираната фактичка состојба изготвени се Записници за констатирана состојба додека од страна на овластен градежен инспектор од Општина Карпош поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ќе бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите“, велат од МВР.
Од Град Скопје во саботата рекоа дека фирма од Чаир без нивна дозвола ги поставува реквизитите, по што од фирмата одговорија дека тие се ставени на приватен имот и не им треба дозвола од никого.