ЗАБРАНЕТА Е ЗА ПИЕЊЕ ВОДАТА ВО СТРУГА, ОД ЧЕШМИТЕ ТЕЧЕ МАТНА ВОДА, А ПРИЧИНА БИЛЕ ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ

    ЗАБРАНЕТА Е ЗА ПИЕЊЕ ВОДАТА ВО СТРУГА, ОД ЧЕШМИТЕ ТЕЧЕ МАТНА ВОДА, А ПРИЧИНА БИЛЕ ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИСтружани со години имаат проблеми со водоснабдувањето, најчесто чешмите секнуваат, а не ретко тече и неисправна вода за пиење. (Фото: Архива на СДК.МК)

    Забранета е за пиење водата за пиење од Градскиот водовод во Струга,  оти од чешмите тече матна и нечиста вода. Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Охрид даде забрана за користење по денешните анализи со кој се утврди дека водата од градските чешми не е безбедна за пиење.

    „Од извршените првични, хемиски анализи на водата за пиење од Градскиот водовод во Струга, од страна на екипи на Центар за јавно здравје Охрид, констатирана е зголемена вредност на параметарот матност во водата за пиење, со вредности значително поголеми од законски пропишаните. Поради тоа и согласно Правилникот за безбедност на вода, водата од градската водоводна мрежа во Струга и селата приклучени на градската водоводна мрежа, не е здравствено безбедна и истата не треба да се користи за пиење“, велат од Центарот за јавно здравје.

    Оттаму додаваат дека причина за матната вода се обилните врнежи од дожд кои деновиве го зафатија подрачјето на Општина Струга, со што се нарушил квалитетот на водата за пиење од градската водоводна мрежа.

    „Согласно процедурите, известени се надлежните институции и соодветните инспекциски служби занатамошно постапување. Центар за јавно здравје Охрид во координација со надлежните институции, континуирано ја следи состојбата со квалитетот на водата за пиење од градската водоводна мрежа во Струга и навремено ќе информира за секоја промена“, додаваат од Центарот за јавно здравје.

    Стружани со години имаат проблеми со водоснабдувањето, најчесто чешмите секнуваат, а не ретко тече и неисправна вода за пиење. Велат дека е недозволиво за град кој е на две води со децении да има нередовно снабдување со чиста вода.

    Последните рестрикции ЈП Водовод Струга ги воведе летово поради слабата издашност на изворите во Шум и Белица од каде градот и околината се снабдуваат со вода.

    Од Јавното претпријатие тогаш кажаа дека водата за пиење ја злоупотребувале несовесните граѓани за наводнување на земјоделските површини, па најавија дека комуналните инспектори во координација со полицијата ќе прават теренски контроли за откривање на случаи на злоупотреба, но до ден денес нема ниту една пријава.

    Општината од минатата година започна со реконструкција на водоводната мрежа, замена на азбестните цевки со нови, инвестиција од 400 илјади евра со која беше најавено дека ќе стави крај на проблемите со водоснабдувањето. Дополнителни 200 ијлади евра беа предвидени за зафатите со кои ќе се обезбедува вода во руралните средини а финансиите за целосното обновување на пумпната станица во Шум се од Министерството за транспорт и врски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира