ЗАГАДЕНИ ЧЕШМИТЕ НА ПЕЛИСТЕР, ПО 10 ГОДИНИ ПАУЗА ТАЛЕСКИ ПРЕД ИЗБОРИ ЌЕ ГРАДИ КОЛЕКТОР

    ЗАГАДЕНИ ЧЕШМИТЕ НА ПЕЛИСТЕР, ПО 10 ГОДИНИ ПАУЗА ТАЛЕСКИ ПРЕД ИЗБОРИ ЌЕ ГРАДИ КОЛЕКТОРНа чешмите Кај печурката и во другите најпознатите излетнички локации Голема Ливада, Бегова чешма во националниот парк Пелистер има натписи дека водата не е за пиење (Фото: СДК.МК)

    Од чешмите на Пелистер тече загадена вода. И пред почетокот на летната сезона, на чешмите во најпознатите излетнички локации Голема Ливада, Бегова чешма, Кај печурката и други во националниот парк, има натписи дека водата не е за пиење.

    „Жално е да се искачите на Пелистер и покрај толку извори да останете жедни или пак да треба со себе да носите шише со вода“, велат посетители на Пелистер.

    Според последниот објавен извештај од Центарот за јавно здравје, анализата на 22 мостри од планинските води покажале дел хемиска, а дел бактериолошка неисправност. Во извештајот од Центарот посочија дека состојбата ќе се подобри ако се изградат санитарни јазли  со септички јами  и ако каптажите на чешмите  се изградат според санитарно -техничките норми.

    Планинските извори се загадени зашто во најстариот национален парк во земјава и по десет години не е дограден колекторскиот систем. Изградбата започна во 2006 кога беше поставена колекторска мрежа од 2,5 километри, а остана да се изгради и постави прочистителна станица и да се приклучат објектите на Пелистер кон мрежата. Но, по промената на власта проектот запре.

    По десетгодишно затишје, сега на четири месеци пред локалните избори, продолжи да се доградува колекторскиот систем. Имено, деновиве до локалните медиуми во Битола со соопштение се огласи јавното комунално претпријатие „Нискоградба“ известувајќи дека започнале со изведба на градежни работи за изградба на колектор за фекална канализација во националниот парк „Пелистер“’ во близина на Детското одморалиште. Според битолската телевизија „Орбис“, станува збор за зафат од 100 метри од последно поставената шахта во близина на Детското одморалиште во насока на селото Магарево.

    Ваквиот зафат следува дури две години по потпишувањето на договорот на  градоначалникот на Битола Владимир Талески со тогашниот министерот за животна средина Нурхан Изаири, за изработка на техничка документација за доизградба на колекторот за локацијата Бегова Чешма за 200 метри. Тогаш заменик министерката за животна средина Соња Лепиткова изјави дека за една година проектот ќе биде готов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира