Локалната и централната власт да преземат итни мерки и да ни го обезбедат правото на чист воздух, порачаа струмичани на протестниот марш по улиците на градот, со кој го изразија своето незадоволство што Струмица е на врвот на најзагадените градови во земјава. Според нив, секоја зима се повторува исто сценарио, а институциите ништо не преземаат околу загадениот воздух.
„Време е конечно да се преземе нешто. Не можеме да се труеме, а институциите да дремат. Не може Струмица да биде на врвот на најзагадените градови во земјава, а никој да не биде казнет. Мора да има казни за загадувачите, да има инспекции и контроли“, кажа Марија Стојанова.
„Не сме свесни што дишеме. Еден ден ова како бумеранг ќе ни се врати по нашето здравје. Мора граѓаните да го кренат гласот оти вака не оди. Одговорните мора да најдат решение, а не само да си ја префрлуваат топката едни на други. Сакаме чист воздух“, кажа Даниела Терзиева.
Изминативе два месеца Струмица беше во црвената зона со загаден воздух. Министерството за животна средина четирипати издаде мерки и препораки до институциите за да ги заштитат граѓаните од високите нивоа на штетни ПМ честички. Освен овие честички, има и високи концентрации на сулфур диоксид, велат од „Здрава котлина“, кои упатија низа барања до локалните и државните власти.
„Бараме привремена забрана за работа на индустриските погони со висок степен на загадување додека не се инсталираат филтри, фирмите што немаат филтри веднаш да бидат затворени, контрола на согорувањето на опасни и несоодветни материјали во пластеници и индустриски објекти, затворање на дивите депонии, зачестена контрола на нелегалната сеча, забрана на дотур на огревно дрво кое не било отстоено во склад минимум осум месеци и формирање на социјален интервентен буџет за социјални семејства за нивно затоплување со огревно дрво“, кажа Оливера Аризанова-Мансбарт од „Здрава котлина“.
Екоактивистите од „Здрава котлина“ побараа вработување на повеќе инспектори за животна средина, но и нивно опремување за да можат на самото место да вршат мерење на аерозагадувањето и да изрекуваат казни.
В. ТРАЈКОВ