ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ СЕ ПОРАДИ СТАМПЕДОТО ПРИ ПАНИКАТА ЗА ИЗЛЕЗ НА ЕДИНСТВЕНАТА ВРАТА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА НА КОЧАНСКАТА БОЛНИЦА

    ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ СЕ ПОРАДИ СТАМПЕДОТО ПРИ ПАНИКАТА ЗА ИЗЛЕЗ НА ЕДИНСТВЕНАТА ВРАТА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА НА КОЧАНСКАТА БОЛНИЦАПожарот избувнал на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез на единствената врата во објектот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се поради повреди од стампедото при паниката за излез, рече директорката на Болницата во Кочани, д-р Кристина Серафимовска.

    „Пациентите доаѓаа со повреда од интоксикација со јаглероден моноксид и со изгореници. Оние што беа со изгореници од прв степен беа задржани во Кочанската болница. Во моментов има 12 деца. За жал, загинатите се поради повреди од стампедото кое настанала при паниката за излез во тие услови“, рече директорката.

    Момче кое успеало да се спаси изјави дека пожарот почна накај 2:30 по полноќ, од прскалките кои беа на сцена се запалил стиропорот на таванот, имало експлозија и паднал покривот, по што сите брзале да излезат на единствената врата.

    „Пожарот почна накај 2:30 по полноќ, од прскалките кои беа на сцена се запали стиропорот на таванот. Слушнав експлозија и падна покривот. После сите брзавме да излеземе, сите трчавме кон една врата, таа е и за влез и за излез“, ни изјави денеска момче на 20-тина години кое синоќа било во публиката во дискотеката „Пулс“ во Кочани на концертот на групата ДНК.

    Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани досега е 59 лица, на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип. Меѓу загинатите има и полицаец од Пробиштип кој вечерта бил на должност во дискотеката, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. За четири лица распишана е потерница, а колку лица досега се приведени Тошковски не кажа. Од 59-те починати идентификувани се 35 лица, од кои 31 лице е од Кочани, а 4 од Штип.

    155 се хоспитализирани во различни здравствени установи низ државата, а дваесет повредени кои се во критична состојба ќе бидат пренесени на лекување во Бугарија, Турција, Грција и во Србија, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

    Дискотеката „Пулс“ е сместена во приземна куќа со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез-излез. Таа е во улица со густо наредени куќи.

    Според првичните информации, како што претходно кажа министерот Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК. Пожарот избувнал на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез на единствената врата во објектот.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира