ЗАЛИВОТ НА КОСКИТЕ ВО ОХРИД НЕМА КУСТОС, ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ТУРИЗАМ ВЕЛИ ТУРИСТИТЕ ПЛАЌААТ КАРТА ЗА ДА СЕ СЛИКААТ

    ЗАЛИВОТ НА КОСКИТЕ ВО ОХРИД НЕМА КУСТОС, ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ТУРИЗАМ ВЕЛИ ТУРИСТИТЕ ПЛАЌААТ КАРТА ЗА ДА СЕ СЛИКААТМузејот на вода во Заливот на коските е најпосетен од туристите. (Фото: СДК.МК)

    Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште, најпосетуваниот локалитет во Охрид нема кустос односно лице кое може да пренесе информации и да им ја раскаже историјата на посетителите. Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски, вели дека во музеите мора да има кустоси, а посебно е недозволиво за туризмот да нема професионалци во локалитет како Музејот на вода кој е најпосетен од туристите.

    „Туристичките водичи, по Законот за туристичка дејност, не можат да кажуваат различни приказни во музеите во коишто имаме елоквентни и стручни луѓе кои треба тоа да го кажат. Туристите при прошетките со своите водичи добиваат различен впечаток за местото кое го посетуваат. Потребен е многу попрофесионален пристап во туристичката индустрија, создавање туристичка инспекција, туристичка полиција, не со цел да казнува туку да им помогне на сите за да се регулира пазарот“, вели Јаневски.

    Тој бара во најкус можен рок да се ангажира лице во Заливот на коските, но и во сите музеи каде има недостиг од ваков кадар.

    „Веднаш да се ангажира лице кое ќе ја раскажува историјата на наколната населба и животот во тоа време со артефактите во музејот“, вели Јаневски и прашува, „За што им се наплаќа билет на посетителите?“

    „Најпосетуван еко-музеј во Македонија кој и денес беше преполн со туристи. Утрово, платена карта за домашни туристи е 120 и за странски 150 денари. Ми беше кажано дека нема кој да ни објасни, бидејќи кустосот или задолжениот си дал оставка и присуствувам на слика каде сите сами на себе се препуштени да се сликаат и читаат оскудни информации. Доколку плаќаме карта очекуваме понатаму да бидеме преземени од професионалци“, додава Јаневски.

    Според него, во 2022 во буџетот се слеале рекордни над 400 милиони долари од туризмот и угостителството, со што туризмот мора да го заземе заслуженото место, а професионалци да бидат вработени во институциите.

    Директорката на НУ Завод и музеј Охрид, Катерина Ристеска-Велкоска, вели дека ваквата состојба се должи на намалувањето на бројот на вработени со заминување во пензија, но во најскоро време установата ќе вработи такво лице.

    „Во Заливот на коските имаме билетопродавачи и продавачи на сувенири. Кустос вработен немаме веќе подолг период. Имавме претходно вработен кустос со договор на дело, но од лични причини си замина. Планираме во скоро време да се вработи“, вели Ристеска-Велкоска.

    Таа додава дека на локалитетите Залив на коските и Самоилова тврдина има табла со QR код кој можат посетителите со смарт телефоните да го скенираат и да добијат информации за локалитетот.

    „На некој начин информативно тука сме покриени. И да имавме еден кустос или водич тешко ќе може да објасни на сите со оглед на големата посетеност. Со претходно договорени односно најавени гости ние од нашата институција некого можеме да ангажираме“, вели Ристеска-Велкоска.

    Единствениот кустос во НУ Завод и музеј работи во Куќата на Робевци, но со договор на дело.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира