Еден деловен објект и три автомобили биле запалени утринава во центарот на Куманово. Според Регионалниот центар за управување со кризи Куманово, во периодот од 3 до 5 часот, прво била запалена фотокопирница, а потоа уште три автомобили.
Од СВР Куманово велат дека пријавувањето на пожарите кај нив започнало во 3.20 часот.
„Пријавен е опожарен деловен објект на улица ’11 Октомври’, сопственост на М.Ј. од Куманово, како и опожарени три патнички возила на улиците ‘Трст’, ‘Вардарска’ и ‘Никола Вапцаров’ во Куманово. Патничко моторно возило ‘фолксваген пасат’ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на Џ.Б., патничко моторно возило ‘ауди’ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на А.Е. и патничко моторно возило ‘ауди’ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на М.Ш.. Пожарите биле изгаснати од екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово, а повредени лица нема“, соопшти МВР.
Екипи на СВР Куманово и јавен обвинител извршиле увид на лице место.
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увиди на локациите каде беа опожарени два автомобили и една деловна просторија. Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видеонадзор“, соопшти ЈОРМ.
Неофицијално, запалена е канцеларијата на Фитор Јакупи, советникот на ДУИ во Советот на Општина Куманово, и автомобилот на обвинителот Џелал Бајрами.
Советникот Јакупи објави фотографии и напиша дека е запалена неговата канцеларија.
„Ве известувам дека денеска во раните утрински часови околу 3.05 часот од црна рака на непознати лица мојата приватна канцеларија во Куманово беше опожарена“, напиша Јакупи на социјалните мрежи.
С. НИКОЛИЌ