ЗАПОЧНА, ПА СЕ ПРЕКИНА САНАЦИЈАТА НА КУЌАТА НА АЛИКАРА ВО ВЕЛЕС ОТИ ИМА НОВИ ПРОБЛЕМИ СО СТАБИЛИЗАЦИЈА НА ОБЈЕКТОТ

    ЗАПОЧНА, ПА СЕ ПРЕКИНА САНАЦИЈАТА НА КУЌАТА НА АЛИКАРА ВО ВЕЛЕС ОТИ ИМА НОВИ ПРОБЛЕМИ СО СТАБИЛИЗАЦИЈА НА ОБЈЕКТОТКуќата во 2021 е прогласена за културно наследство во опасност, сопствениците, семејството Апасиеви чиј син е пратеникот и лидер на „Левица“ Димитар Апасиев, живеат во неа на долниот кат, горниот не е безбеден. (Фото: СДК.МК)

    На куќата на Аликара во Велес стара 180 години, денес на семејството Апасиеви, почнале градежните активности за реконструкција, но набргу престанале. Сопствениците, семејството Апасиеви чиј син е пратеникот и лидер на „Левица“ Димитар Апасиев, живеат во неа на долниот кат, горниот не е безбеден. Тие стравуваат дека нема да се случи долго најавуваната обнова.

    Куќата во 2021 е прогласена за културно наследство во опасност.

    „Деновиве ги острануваат металните скелиња. Не знаеме што се случува, дали си одат, дали ќе работат. Две години, лани и годинава, имаше одборено средства, но минатата година ништо не се случи, а годинава не знаеме какви се плановите“, кажаа сопствениците на куќата.

    Од Националниот конзерваторски центар (НКЦ),велат дека причина за сопирање на работите е недоволно изработениот почетен проект, кој бил од пред повеќе години, а во меѓувреме состојбата се променила. Се констатирале промени на објектот, па мора да се работи на дополнителен проект.

    „Во тек се конзерваторско-реставраторски работи. При нив се откриени состојби при кои треба да се интервенира. Тоа се стари објекти. Деновиве се прави дополнителен проект за статичка стабилизација и конструктивна стабилизација на куќата. Штом тоа заврши ќе се продолжи со интервенцијата“, кажа вчера директорот на НКЦ Александар Јордановски при посетата на куќата.

    За реконструкција на куќата, Министерството за култура преку проект од Годишната програма за 2025 година обезбеди четири милиони денари (околу 65.000 евра).

    „Куќата на Апасиеви која во 2021 година е прогласена за културно наследство во опасност, претставува значаен дел од градската архитектура на Велес. За нејзино зачувување е изработен Основен проект за конзервација, реставрација и санација, избран е и изведувач, но во процесот на реализација се појавија одредени проблеми. Затоа денес сме тука заедно со екипата на Националниот конзерваторски центар, со цел да се запознаеме со тековната состојба и да создадеме услови за надминување на проблемите и се со цел продолжување на конзерваторско-реставраторските процеси. Нашата заедничка цел е целосна заштита на објектот, за што Министерството за култура и туризам обезбеди 4 милиони денари“, рече вчера при посетата на куќата во Велес министерот за култура Зоран Љутков.

    Според пишаните документи, куќата е изградена во средината на 19 век, била бегова куќа, подоцна купена од бавчованџијата Аликара, па од Апасиеви.

    На почетокот од 2024, Националниот конзерваторски центар со годишната програма за работа од Министерството за култура доби 1.200.000 денари (околу 19.500 евра) за реконструкција, санација и конзервација на куќата. Но лани не беа преземени никави градежни зафати, ниту пак јавно се кажа зошто не се работеше.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира