ЗАПОЧНА САНАЦИЈАТА НА ОДРОНОТ ОД ШТИПСКАТА ТВРДИНА ИСАР, КОЈ ЈА ЗАТРУПА ПЕШАЧКАТА ПАТЕКА

    ЗАПОЧНА САНАЦИЈАТА НА ОДРОНОТ ОД ШТИПСКАТА ТВРДИНА ИСАР, КОЈ ЈА ЗАТРУПА ПЕШАЧКАТА ПАТЕКАОдронот се случи ноќта на 14 декември, кога на патеката немало минувачи (Фото: СДК.МК)

    ЈП „Стипион“ ја започна санацијата на големиот одрон од тврдината Исар, што се случи пред четири месеци, кога врз пешачката патека паднаа над 200 кубни метри карпи, тешки и по неколку тони. Одронот се случи ноќта на 14 декември, кога на патеката немало минувачи. ЈП „Стипион“ го забрани движењето по патеката, која беше затрупана со огромни камења.

    Дел од напукнатите карпи беа намерно срушени, но поради поголема безбедност, деновиве почна да се гради потпорен ѕид кај најкритичните места, каде што висат расцепени камени грамади.

    „Од паднатите карпи сега правиме потпорен ѕид, кој треба да биде дополнителна заштита од идни одрони. Планираме такви заштити да се направат и на други места во клисурата покрај реката Брегалница“, вели в. д. директорот на ЈП „Стипион“, Игор Ефтимов.

    Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, најави дека во меѓувреме треба да заврши и тендерот за изградба на велосипедска патека долга 6-7 километри, која всушност ќе биде проширување на постојната пешачка патека, која минува покрај реката Брегалница, од Ново Село до населбата Балканска.

    „Имав повеќе барања од велосипедистите за изградба на патека за нив, за што ќе потрошиме 12 милиони денари од буџетот. Постојната патека секојдневно ја користат повеќе илјади граѓани, а меѓу нив има и голем број велосипедисти“, вели Јорданов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира