ЗАСАДЕНИ 13.700 САДНИЦИ ВО АКЦИЈА ЗА ПОШУМУВАЊЕ НА ОПОЖАРЕНАТА ПОВРШИНА ОКОЛУ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ

    ЗАСАДЕНИ 13.700 САДНИЦИ ВО АКЦИЈА ЗА ПОШУМУВАЊЕ НА ОПОЖАРЕНАТА ПОВРШИНА ОКОЛУ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТЗасега е обновена шумата на само 10 хектари од уништените 200 хектари што настрадаа во пожарот на 26 август 2019 - од викенд акцијата за пошумување (Фото: СДК.МК)

    Во акција на пошумување во саботата беа засадени првите 10 хектари од површините околу езеро Младост, кај Велес, по големиот пожар во август годинава кога изгореа 200 хектари под шума.

    Според организаторот, Општина Велес, засадени биле 13.700 садници од багрем, чемпрес, јасен и јавор.  Средства за 2.700  садници биле обезбедени од донатори, а Општина Велес обезбедила средства за набавка на 11 илјади  садници. Иако директорката на  Шумското стопанство „Бабуна“од Велес неодамна кажа дека годинава нема да има пошумување поради неподготвеност,  туку само во селото Кумарино, локалната власт, на крајот од годинава организираше ваква акција.

    „На мое инсистирање, бидејќи  ветив  дека ќе има голема акција на пошумување, и тоа се случи. Морав  да извршам притисок да ја променат одлуката и да подготват 25 хектари за есенско засадување. Тие подготвуваа терен на друга локација и реагирав. Научно е докажано дека есенското пошумување е многу подобро во споредба со пролетното, оти овозможува дрвата да се адаптираат“, рече градоначалникот Аце Коцевски.

    Бидејќи акција се случи во деновите пред  Нова година, не беа во можност да учествуваат вработените од  странските компании Маркарт и Ронтис, кој покажале интерес и желба. Но, во акцијата се вклучија вработените од  „Жито Маркети“ кои засадија илјада багреми. Во акција учествуваа и вработени од ЈКП Дервен, од градинките,  припадници на АРМ, вработени во локалната власт, советници,  членови на Ротари клубот и Лајонс клубот.

    Општина Велес изрази благодарност до сите учесници кои беа дел од акцијата и  најави  следни акции за пошумување на пролет.

    На 26 август се случи голем пожар, каде изгоре површина од 400 хектари. Изгореа 200 хектари шума, со  вкупна количина од 4.538 кубни метри дрвна маса.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира