ЗАСИЛЕНО ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ВО ОХРИД ЗА НОВА ГОДИНА И БОЖИЌ, НАПОМОШ ЌЕ ДОЈДАТ И ПОЛИЦАЈЦИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ

    ЗАСИЛЕНО ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ВО ОХРИД ЗА НОВА ГОДИНА И БОЖИЌ, НАПОМОШ ЌЕ ДОЈДАТ И ПОЛИЦАЈЦИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИПатролите ќе има низ најфреквентните делови на градот, особено во централното подрачје, но и пред угостителските објекти и ресторани каде што се организираат празнични прослави. (Фото: СДК.МК)

    За време на новогодишните и божиќните празници во Охрид ќе биде воведено засилено полициско обезбедување заради зачувување на јавниот ред и мир, безбедноста на граѓаните и посетителите, како и непречено одвивање на празничните настани, велат од СВР Охрид. Од таму велат дека на терен ќе бидат ангажирани зголемен број полициски службеници од градот, но и колеги од други градови.
    Патроли ќе има низ најфреквентните делови на градот, особено во централното подрачје, но и пред угостителските објекти и ресторани каде што се организираат празнични прослави.
    „Она што е главна цел на планот е стабилен јавен ред и мир, контактите се остварени и со приватни агенции за обезбедување. Планирани се зачестени конторли, целта е празниците да поминат во беспрекорен јавен ред и мир. Деликтите да бидат сведени на минимум или елиминирани“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
    Од полицијата апелираат да се почитуваат законските прописи, одговорно однесување и навремено да се пријавуваат евентуални нарушувања за празниците да поминат во мирна, безбедна и достоинствена атмосфера. Возачите да бидат особено внимателни, да ги почитуваат сообраќајни правила и да не возат под дејство на алкохол и да не ја загрозуваат својата  и безбедноста на другите.
    „Во делот на сообраќајот контролите ќе бидат интензивни насекаде низ градот, на приодот до Охрид и сите крстосници. Контролните активности ќе бидат насочени кон оние кои користат алкохол и се разбира ќе бидад и санкционирани и исклучени од сообраќај“, додава Димоски.
    Охрид очекува бројни гости за време на празниците. Според најавите, најбројни и годинава ќе бидат гостите од Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора и дијаспората.
    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира