Поради немање соодветни услови за работа, затворени се училиштето во Дихово и градинката во Бистрица, оддалечени само седум километри од Битола. Во училиштето во Дихово покривот е во лоша состојба и прокапува, па четврицата ученици се префрлени во соседното село Трново. Во градинската во Бистрица нема вода, па ни услови за поставување хидрантска опрема, а 14 деца одат во други градинки. Жителите стравуваат дека ова уште повеќе ќе придонесе за празнење на овие две села.
„Нашето барање е да има градинка во Бистрица. Таа постоеше 20 години, по трагедијата во Кочани, одеднаш снема услови. Овде објектот навистина не е погоден за градинка, нема доволно простор. Буквално се распаѓа, од покривот тече вода, нема громобран, проблем има со водата. Ги носиме децата во друга градинка, но тоа е стресно за нив. Прво им се сменија воспитувачки и негувателка, па сега нова просторија“, рече Дана Поповска од Бистрица.
На расправата на Комисијата за финансии и буџет во Советот на Општина Битола, директорката на градинката „Естреја Овадија-Мара“, Весна Лозановска, потврди дека во градинката нема нема водовод и хидрантска опрема. Лилјана Николовска, директорка на училиштето „Трифун Пановски“ под кое е и подрачното во Дихово, рече дека тоа не работи од декември, од кога доставиле и барање за реконструкција до Општината.
На вчерашната седница на Советот, претседателката Габриела Илиевска од Поинаку, алудирајќи на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски на 5 мај дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ со Општините управуваат скандинавски, на говорница извади шведски знамиња и го нарече градоначалникот „Тони Коњановсен“, а притоа покажа фотографии од објектите кои прокапуваат и немаат вода.
„Го повикувам ‘Тони Коњановсен’ од Шведска, да види дека ова е покрив на училиште во шведската Битола, училиште кое се затворило во декември. Барам Советот да донесе одлука за одвојување на 300 илјади денари за изработка на проект за училиштето во Дихово. Во шведската Битола, во 21 век ова е училиште во Бистрица во кое тече од сите страни и за кое директорката има пуштено безброј пати барање да се санира ѕидот. Советот да донесе одлука и да обезбеди 300.000 денари за проект за реконструкција. 300.000 денари и за изработка на проект за реконструкција на градинката во Бистрица. Се надевам дека шведскиот однос на градоначалникот ќе вроди со плод и во најбрз временски период ќе видиме дека овие објекти ќе бидат санирани“, рече Илиевска.
Од Општина Битола денес соопштија дека преземаат активност за поголема безбедност на најмладите. Посочија дека децата од градинката во Бистрица се згрижени во најблиската во Кравари и дека понудиле просториите чии услови треба да бидат проверени од Министерството за социјална политика. Во училиштето во Бистрица ќе се врши корекција на постоечкиот проект за реконструкција на предвидената спортска сала, а во Дихово до исполнувањето на потребните услови за настава, училиштето е затворено, а учениците со обезбеден превоз префрлени во Трново. За овој објект, ќе се изработува проектна документација за реконструкција. Од Општината соопштија и дека во изминатите три и пол години во капитални инвестиции, како и во опремата и одржувањето на основните и средните училишта се изнвестирани 10 милиони евра.
Ж. ЗДРАВКОВСКА