Град Скопје заврши со изградба на булеварот Босна и Херцеговина во населбата Бутел. Денеска беше пуштена во употреба целата делница, откако завршија градежните работи на потегот од булевар Христијан Тодоровски-Карпош до улица Кемал Сејфула. Станува збор за целосно нов булевар со вкупна должина од околу 1.700 метри, ширина од 40 метри, со 6 коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки, средишно и странично зеленило од двете страни и ново улично осветлување, од булевар Словенија до булевар Христијан Тодоровски-Карпош.
„Сега имаме еден најсовремен по сите светски и европски стандарди булевар, широк 40 метри, со пешачки и велосипедски патеки по целата негова должина. Во следниот период ќе го уредиме и средишното булеварско зеленило. На овој булевар поставивме и ново лед осветлување. Новиот булевар за овој дел од градот ќе биде значителен инпут за неговиот развој, особено ако се има предвид дека се спојува со булеварот Никола Карев кој е во завршна фаза, како и со клучката кај Момин поток којашто треба да почнеме да ја градиме во текот на јули“, кажа Шилегов.
За реализацијата на овој проект од Буџетот на Град Скопје се потрошени 100 милиони денари (околу 1,6 милиони евра) со пресметан ДДВ.
А. АНТЕВСКА