ЗАВРШИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА МОСТОТ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО СКОПЈЕ

    ЗАВРШИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА МОСТОТ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО СКОПЈЕРеконструкцијата на дилатациите на мостот се вршеше во двата правци и траеше 40 дена, а од денес сообраќајот се одвива непречено.(Фото: Град Скопје)

    Завршија градежните работи за реконструкција на дилатационите спојки на мостот Гоце Делчев. Реконструкцијата на дилатациите на мостот се вршеше во двата правци и траеше 40 дена, а од денес сообраќајот се одвива непречено.

    „Со овој тип на реконструкција на дилатационите спојки значително се зголемува безбедноста. Ваков градежен зафат не беше изведен на мостот изминатите 13 години“, велат од Град Скопје.

    Мостот Гоце Делчев, кој е изграден во 70-тите, покажал проблеми веднаш после неговото пуштање во употреба. Професорот Горан Марковски од Катедрата за бетонски конструкции и мостови на Градежниот факултет вели дека овој мост потребно е да биде под постојан мониторинг.

    „Веднаш по неговото пуштање во употреба, во средното поле се јавуваат релативно големи деформации, кои во првата година достигнале околу 25 сантиметри. Во текот на времето деформациите бележат постојан раст, за да после 20-тина години, кога е извршена санацијата, вкупната деформација достигне повеќе од 60 сантиметри. Тоа покажува дека мостот имал некакви проблеми, што не мора да значи дека тие би резултирале со негово уривање, но секако претставувале аларм за зголемена загриженост и преземање соодветни мерки. Она што сакам да го потенцирам е дека мостот Гоце Делчев заслужува постојан мониторинг преку специјално вградена опрема, да се интервенира навреме и да се спречат несакани, катастрофални настани“, изјави лани во август професорот Марковски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира