ЗДРУЖЕНИЕ ОД БИТОЛА ОРГАНИЗИРА ЕДУКАТИВНО-РЕКРЕАТИВНИ ЕКСКУРЗИИ ЗА МЛАДИТЕ ДА ГО ЗАСАКААТ ПЕЛИСТЕР

    ЗДРУЖЕНИЕ ОД БИТОЛА ОРГАНИЗИРА ЕДУКАТИВНО-РЕКРЕАТИВНИ ЕКСКУРЗИИ ЗА МЛАДИТЕ ДА ГО ЗАСАКААТ ПЕЛИСТЕРЦелна група се основците и средношколците, но не постои горна граница за лицата кои можат да се вклучат (Фото: СДК.МК)

    Начинот на живот што го водат младите, минувајќи долго време пред електронските уреди и притоа не ги препознаваат убавините на Националниот парк Пелистер, иако им е на дофат, го поттикна здружението „Дојди, види, уживај“, предводено од креативниот туристички водич Горан Пинза, да организира едукативно-рекреативни екскурзии на Пелистер. Први заминаа децата од ФК „Пелистер“, кои деновиве уживаа во планинските убавини.

    Целна група се основците и средношколците, но не постои горна граница за лицата кои можат да се вклучат во оваа активност. Посетите имаат едукативна и рекреативна цел, но и да ја поттикнат љубовта кон планината и природата кај децата и младите.

    „Нашата цел е што е можно повеќе млади луѓе да дојдат, да ја посетат планината и да поминуваат што е можно повеќе од слободното време на чист воздух, во средина и опкружување што ги нуди Пелистер со своите неверојатни предели за пешачење, планинарење и излетнички терени“, вели Пинза.

    Во Инфо центарот, децата ќе можат да се запознаат со ендемските видови на флора и фауна и со случувањата од периодот на Првата светска војна.

    „Наша прва станица е Инфо центарот на Пелистер, позната како ‘На Лазо вилата‘, на 1.350 метри надморска височина. Дотаму доаѓаме со организиран превоз од пред спортската сала. Секој добива топол чај, па продолжуваме со пешачката тура по Историска патека. Релативно лесна тура во траење од 30-ина минути, која завршува во близина на хотелот ‘Молика’. Во зависност од возраста и физичката кондиција, турата ја продолжуваме до некогашниот планинарски дом ‘Копанки’“, вели Пинза.

    Иако Пелистер е на неколку километри од Битола, не е мал бројот на деца и млади кои ретко го посетуваат. Планот е проектот „Да го запознаеме Националниот парк Пелистер за повеќе да го сакаме и почитуваме” да трае уште долго, додека постојат интерес и средства.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира