МАЛОЛЕТНИТЕ ДЕЛИКВЕНТИ ШТО УНИШТУВААТ ПАРКОВИ ДА РАБОТАТ ОПШТОКОРИСНА РАБОТА, ЗЕЛС ОД ВЛАДАТА БАРА ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ

    МАЛОЛЕТНИТЕ ДЕЛИКВЕНТИ ШТО УНИШТУВААТ ПАРКОВИ ДА РАБОТАТ ОПШТОКОРИСНА РАБОТА, ЗЕЛС ОД ВЛАДАТА БАРА ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИГрадоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, кој иницираше законски измени за воведување општокорисна работа за малолетници, вели дека се одлучил на овој чекор откако во неколку наврати парковите во општината беа демолирани од деца. (Фото: Општина Центар)

    Малолетниците кои уништуваат паркови, кршат урбана опрема и палат контејнери да вршат општокорисна работа, бара Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Овој предлог на градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски беше едногласно прифатен на последната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, а денеска барањето е доставено до Владата заради законски измени.

    ЗЕЛС предлага да се формира стручна работна група составена од претставници од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации, која ќе има задача да подготви  дополнување и измена на повеќе закони.

    „Конкретно, иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците. Дополнително, се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку можност за заедничка општокорисна работа. Важно е да ја подигнеме свеста кај младите, да ги едуцираме за значењето на јавните добра и да создадеме механизми за нивна ресоцијализација“, вели претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

    Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, кој иницираше законски измени за воведување општокорисна работа за малолетници, вели дека се одлучил на овој чекор откако во неколку наврати парковите во општината беа демолирани од деца.

    „Иницијативата следи откако во неколку наврати центарци се соочија со вандализам во населбата Капиштец каде што малолетници обија багер предизвикувајќи штета на паркирано возило, кршеа шишиња, фрлаа петарди, уништуваа разни реквизити, спортски и детски игралишта и се тепаа. Нашиот предлог е преку општествено одговорна работа да ги вметнеме младите коишто имаат вакви девијантни однесувања, заедно и со родителите да ја подигнеме свеста на многу повисоко ниво кај младите, за сите заедно што повеќе се грижиме за јавното добро и да не се повторуваат вакви несакани дејанија“, вели Герасимовски.

    А. АНТЕВСКА

    МОЖЕ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:

    СЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира