ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ ПЛАСТИЧНИ ФОЛИИ ВО СТРУМИЧКO ЗАВРШУВАТ ВО ДИВИ ДЕПОНИИ ИЛИ СЕ ПАЛАТ, ДРЖАВАТА НЕМА СИСТЕМСКО РЕШЕНИЕ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО

    ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ ПЛАСТИЧНИ ФОЛИИ ВО СТРУМИЧКO ЗАВРШУВАТ ВО ДИВИ ДЕПОНИИ ИЛИ СЕ ПАЛАТ, ДРЖАВАТА НЕМА СИСТЕМСКО РЕШЕНИЕ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТОМал дел од фолијата се рециклира, најголемиот дел завршува во диви депонии или се пали. (Фото: СДК.МК)

    Земјоделските фолии во земјава по нивниот век на употреба или завршуваат во депонии како отпад кој тешко се разградува или земјоделците ги палат. И во двата случаи тие ја загадуваат животната средина бидејќи во државата нема соодветно решение како да се постапува со пластичните фолии што ги користат земјоделците во процесот на одгледување зеленчук и градинарски култури.

    Ова беа заклучоците на работилницата во Струмица на тема „Управување и рециклирање на пластичната фолија за земјоделство во Македонија“ што ја организираа Општина Струмица со поддршка на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост- ИМЕ. Целта беше да се слушнат мислењата на сите вклучени за да се наде соодветно решение за земјоделската пластика со фокус на пластичните, мулч и стреч фолиите.

    „Имаме лоша практика во земјава. Само еден мал дел од фолијата се рециклираа или се преработува. Најголемиот дел завршува непрописно во природата и ги загадува воздухот и почвата, оти најчесто таа се пали, а  потоа се создава микропластика и влијае на синџирот на исхрана. Не се само земјоделците одговорни туку и производителите и дистрибутерите што ја пласираат на пазарот, но и надзорот, оти мора да има контрола од страна на Државниот земјоделски инспекторат за оваа пластика“, кажа Ана Каранфилова-Мазневска од Министерството за животна средина.

    На македонскиот пазар се претпоставува дека годишно има од 3 до 4 илјади тони пластични фолии. Нивниот век на употреба зависи од микроголемината и состојките од кои се изработени и најчесто траат од 3 до 4 години. Во Струмичко најголемиот дел од тие фолии завршуваат на нестандардни диви депонии или пак се палат. Карнафилова-Мазневска смета дека дел од таа пластика може да се рециклира, но генерално треба да се најде модел и решение кое ќе биде на државно ниво.

    Анализата изготвена од швајцарската програма предлага воспоставување систем на проширена одговорност на производителите на земјоделски пластични производи по примерот на Ирска и Франција. Во тој систем ќе има јасно дефинирани обврски за производителите и увозниците за што ќе биде потребна измена на постојната законска рамка или донесување посебен закон за управување со земјоделска пластика, со кој ќе се опфатат пластенички, мулч и силажни фолии, агротекстил и други производи што се користат во земјоделството.

    „Треба да се воведе еко-надоместок за производителите и увозниците, кој ќе биде наменет за собирање, транспорт, рециклирање на земјоделската пластика, но и едукација. За координација на националниот систем, се препорачува формирање колективен постапувач кој ќе ја организира целата мрежа во земајва, но и поголеми инспекциски контроли на палењето и неконтролираното отстранување на отпадните фолии“, се вели во препораките на анализата подготвена од швајцарската ИМЕ.

    Струмичко важи за еден од поголемите центри во Македонија каде земјоделското производство е под пластеници каде најчесто се одгледува зелка, домати, краствици и црвени пиперки.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира