ЗЕМЈОДЕЛЦИ ВО СТРУМИЧКО БЛОКИРАА ОТКУПЕН ПУНКТ ОТИ ЦЕНАТА НА КОМПИРОТ СЕ СМЕНИЛА ПРЕКУ НОЌ

    ЗЕМЈОДЕЛЦИ ВО СТРУМИЧКО БЛОКИРАА ОТКУПЕН ПУНКТ ОТИ ЦЕНАТА НА КОМПИРОТ СЕ СМЕНИЛА ПРЕКУ НОЌПротест пред откупен пункт во струмичка Иловица. (Фото: СДК.МК)

    Производителите на компир од струмичките населени места Иловица и Штука блокираа откупен пункт со механизација оти за неполни 12 часа ја намалил цена на компирот од 30 на 25 денари. Тие се гневни што откупувачите си играат мајтап со нивната мака, бидејќи вчера им кажал дека ќе го собира компирот по 30 денари, а денеска кажал дека ке го зема по 25 денари. Според нив, проблемот е што по овој откупувач цената на компирот ќе ја намалат сите откупни пунктови а трговците што ќе дојдат од други градови во струмичко ќе сакаат да купат по најниска цена.

    „Ова е срамота што се прави, нема кој да нè заштити. Собирањето на компирот само што почна и за неполна недела, цената падна на 25 денари за килограм, а трошоците се зголемени за 100 отсто. Колку за илустрација, една вреќа ѓубриво од 25 килограми скокна на 1.500 денари . Не можат откупувачите да ги креираат цените како што сакаат. Синоќа велат откупуваме по 30, а утрово да ни каже пу-пу не важи, цената е 25 денари за килограм. Она што е најжално, по него и останатите пунктови ќе ја намалат цената“, кажаа земјоделците од Иловица и Штука кои го блокираа пунктот но и патот што води до населеното место Иловица.

    Во Иловица пристигнаа и претставници од земјоделскиот инспекторат кои на производителите им ги објаснија нивните надлежности и соопштија дека откупувачот уредно ја има објавено цената на табла. Откупувачот Дончо Јанев кажа дека тој не ги објавува цените од ракав туку таа е резултат на понудата и побарувачка.

    „Деновиве значително е зголемена понудата на компир од сите региони. Млад компир почна да излегува и од производителите од Србија, Босна, Хрватска и не сме конкурентни со овие цени. Јас ја разбирам маката на земјоделците, но не можам да откупувам по цена која нема да биде конкурентна на пазарите. Цената ја диктира понудата и побарувачката. Последниов период се помалку трговци доаѓаат да земат компир од кај мене“, вели Јанев.

    Земјоделците од Иловица и Штука се најголемите производители на млад компир во струмичко. Во атарите на овие две населени места има засадено околу 500 хектари под ова земјоделска култура. Тие сакаат да го соберат родот за да може да ги подготват нивите за нов турнус. Инаку во моментов откупната цена на младиот компир е пониска во однос на ,,стариот’’ кој на пазарите на големо се продава по цена од 35 денари.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира